ЗАЈАКНУВАЊЕ НА КАПАЦИТЕТИТЕ И ДООПРЕМУВАЊЕ НА РОДИЛИШТАТА ВО ДРЖАВАТА

Проценка на постојните капацитети на неколку родилишта низ државата со цел нивно зајакнување со посебен акцент на состојбата со опрема ќе извршат претставници од организацијата „Проект Хоуп“, при што ќе бидат обезбедени стандардни пакети опрема за гинеколошките и педијатриските оддели на Клиничката болница во Тетово и Општата болница во Куманово во вредност од над 200 илјади долари.

Ова денеска на прес-конференција го истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој рече дека паралелно е обезбедена нова опрема за Клиниката за детски болести во делот на доопремување на Одделот за интензивна нега, меѓу кои и специјалниот транспортен монитор за пациенти кој е компатибилен за магнетна резонанца, како и централна станица за мониторинг на пациенти.

– До крајот на годинава ќе се обезбеди и централна станица за фетален мониторинг за Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка Тереза“ во Чаир чија вредност изнесува 70 илјади долари, посочи Филипче.

Во соработка со „Проект Хоуп“ Министерството за здравство денеска организира и работилница со сите организации кои работат во Република Македонија во насока на намалување на мајчината и новороденечката смртност во државата.

– Даваат резултат пакет мерките на Владата и Министерството за здравство за намалување на доенечката смртност. Како што веќе информиравме намалена е смртноста на новороденчињата од 24,4 на 17,7 проценти во првите шест месеци во однос на истиот период минатата година, а државата има регионален рекорд на преживеано новороденче родено во 23-тата недела.

Јан Ван ден Берг од организацијата „Проект Хоуп“ истакна дека веќе две и пол години работат на проектите во Македонија, а имале тренинзи за намалување на перинаталниот морталитет и морбидитет кај новороденчињата.

– Денеска ќе се видиме и со други организации како УНИЦЕФ кои ја споделуваат истата цел како нас со цел да не се преклопуваме во проектите во здравството, треба да се направат тренинзи на медицинскиот кадар кој има голема улога во сето ова, да се направат организациски промени, да се воведат услуги. Целта на овој состанок е тоа да се подобри, рече Јан Ван ден Берг.

 

Сподели на:

Related Posts