Во Министерството за здравство денеска се одржа состанок со градоначалникот на Кисела Вода, Филип Темелковски, како и со претставници од повеќе надлежни институции и невладиниот сектор, на кој беа презентирани и предложени краткорочни и долгорочни мерки за решавање на проблемот со Центарот за превенција и третман на завиности – Кисела Вода.
Државниот секретар во Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев на состанокот потенцираше дека во изминатиот период се разгледани повеќе опции за решавање на овој проблем и дискутирано е со сите засегнати страни. Како најприфатливо среднорочно решение предложено е да се направи дисперзија на постојниот центар на повеќе локации низ градот Скопје, имајќи ги предвид инфраструктурните, кадровски капацитети како и останатите услови во општините.
Целта е да се овозможи растоварување на Центарот во Кисела Вода, каде во моментот се згрижуваат 520 пациенти, како и преземање активности за градење референтен национален центар за лекување на лицата со зависности.
—