Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, денеска присуствуваше на симулациска вежба во Куманово, населба „Средорек“, каде се демонстрираше подготвеност на медицинските тимови при поплава.
Организатор на вежбата е Министерството за здравство, со поддршка од Светската здравствена организација (СЗО) и Фонодот за население на Обединети нации (УНФПА).
На оваа вежба беше извршена симулација на способност за спасување лица во услови на пороен и силен дожд, а се одржа покрај реката Кумановка, која понекогаш се излева во градското подрачје и ги поплавува околните куќи.
– Целта на симулациската вежба е да се одговори на потребите и за време на поплава, но да се зајакнат капацитетите на тимовите за укажување итна медицинска помош. Резултатите беа одлични, за 35 минути Итната помош успеа да направи транспорт до болница на 14 лица, а за вкупно 55 минути беше направена тријажата. Секако ги поддржувам ваквите настани кои зборуваат за способноста на медицинскиот кадар. Честитам на одличната организација и на сите учесници во неа кои придонесоа вежбата да изгледа реално, изјави министерот Филипче.
Со вежбата се демонстрираше координација на активностите на повеќето тимови, тестирање на итните медицински служби и капацитетот на одговор при итни состојби на оперативните тимови во Куманово, но и увежбување на координацијата, комуникацијата и соработката помеѓу разните институции и идентификување на силните и слабите страни, како и можностите за подобрување.