TAIEX МИСИЈА ОД СЛОВЕНИЈА СО ЕКСПЕРТСКИ ИСКУСТВА ЗА ВОСПОСТАВУВАЊЕ НАЦИОНАЛЕН РЕГИСТАР ЗА РАК

Во рамки на инструментот за техничка помош на Европската Комисија (TAIEX), денеска во Управата за електронско здравство почна тридневна експертска мисија за воспоставување национален регистар за рак, на која предавачи се експерти од Институтот за онкологија од Република Словенија и од словенечкиот национален регистар на рак, кој е еден од најстарите и најквалитетните регистри во Европа. 

На денешната работна средба учествуваа претставници од сите надлежни институции, кои треба да бидат дел од системот на пријавување, следење и третирање на оваа болест, како и членови на Националната комисија за воспоставување регистар за рак, формирана од министерот за здравство. Во комисијата се вклучени претставници од Министерство за здравство, Управата за електронско здравство, јавните здравствени установи (клиника за онкологија и радиотерапија, клиника за гинекологија и акушерство, клиника за хематологија, клиника за радиологија), Институтот за патологија, Институтот за епидемиологија, биостатистика и медицинска информатика, Институтот за јавно здравје и Центар за јавно здравје–Скопје.

Целта на експертската мисија е да се направи анализа на состојбата и проценка на капацитетите на здравствениот систем, и врз основа на тоа да се подготви план за активности за воспоставување национален регистар за рак. Во следните три дена ќе се разговара за клучните концепти за регистрација на ракот, чекорите за планирање на регистарот, изворите и видовите на информации кои треба да ги има регистарот, методите за обезбедување на квалитетот на податоците и секако известувањето за резултатите од регистарот кон меѓународните инстанци. 

Националниот регистар за рак, долгорочно ќе овозможи комплетен увид во состојбата со заболени лица, дијагностика, третман на лицата со малигни заболувања и терапијата која ја добиваат, со цел унапредување на мултидисциплинарниот пристап и меѓусебна координација за што поуспешна имплементација на Националната стратегија за контрола на ракот во Република Македонија.

Сподели на:

Related Posts