МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ ГО ПОСЕТИ ЗДРАВСТВЕН ДОМ ТЕТОВО И ОСТВАРИ СРЕДБА СО РАКОВОДСТВОТО И ВРАБОТЕНИТЕ ВО ОВАА ЈЗУ

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска го посети Здравствениот дом во Тетово, каде оствари средба со раководството и вработените во оваа јавна здравствена установа. 

-Задоволен сум како се зајакнува капацитетот на Здравствениот дом во Тетово, но и како раководството домаќински се грижи за здравствената установа. Почнавме со вистинска грижа за нашите здравствени работници. Вработуваме, едуцираме, но и ги зголемуваме платите за медицинскиот персонал за да биде мотивиран и успешен во својата работа. Овозможуваме подобри услови за работа. Со двете нови возила, зголемен е капацитетот на екипите за вакцинација и патронажна служба, истакна министерот Филипче.

Здравствениот дом во Тетово опслужува шест општини во тетовскиот регион со приближно 190 илјади жители. Во селото Урвич е отворена амбуланта, во која медицинска сестра и лекар по 2-3 часа вршат прегледи на пациенти.

Обезбедени се екипи за вакцинација и систематски прегледи, и отсега, жителите нема да мораат да патуваат по неколку километри за здравствен преглед. По пауза од неколку години и екипите на превентивна стоматологија почнуваат со посета во оддалечените планински села. Исто така, обезбедена е нова компјутерска опрема и нов софтвер за непречено работење на сите оддели во Здравствениот дом.

-Заклучно со 2018 година се исплатени наследените долгови за Здравствениот дом и направени се заштеди на непродуктивни трошоци, потенцираше директорот Борислав Јоргаќиевски.

 

Сподели на:

Related Posts