МЛАДИТЕ СТУДЕНТИ ПО МЕДИЦИНА СЕ НАШИТЕ ИДНИ ЛЕКАРИ И ДВИГАТЕЛИ ВО ОПШТЕСТВОТО, КОИ ТРЕБА ДА БИДАТ ВКЛУЧЕНИ ВО ПРОЦЕСИТЕ НА ОДЛУЧУВАЊЕ И КРЕИРАЊЕ ПОЛИТИКИ ВО ЗДРАВСТВОТО

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска имаше свое обраќање по повод 07 април-Светскиот ден на здравјето на Факултетот за медицински науки при Универзитетот во Тетово.

Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека младите студенти по медицина се нашите идни лекари и двигатели во општеството, кои треба да бидат вклучени во процесите на одлучување и креирање на политиките во здравството.

„Инвестираме во младите лекари и ќе продолжиме да правиме сѐ за да ве задржиме тука, да останете и да работите дома, во здравствените установи во земјава“, истакна министерот Филипче пред присутните студенти по медицина.

Со измената на Законот за здравствена заштита, од оваа година првпат во нашата земја, секој млад лекар добива шанса да се ангажира во системот на јавно здравство. Тоа значи дека секој лекар, кој ќе го заврши лекарскиот стаж и ќе добие лиценца за работа ќе се вклучи во системот на здравствените домови, ќе биде платен за својот труд и ќе почне да стекнува искуство во брзата помош, вакциналните пунктови и во системот на патронажна нега. Со оваа реформа младите лекари добиваат можност да стекнат искуство, да бидат платени за својата работа и да добијат можност за вработување веднаш по завршување на стажот.

„Од минатата година специјализантите првпат земаат плата за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Дополнително, кога ќе станете лекари, вашите плати постојано ќе растат. Тоа за вас ќе биде дополнителна мотивација како млади лекари да бидете посветени на својата работа и соодветно да се грижите за своите пациенти. До 2020 година, платите на докторите специјалисти во терциерното здравство скалесто ќе се зголемуваат и ќе изнесуваат 100 илјади денари, односно 1.600 евра“, истакна министерот Филипче.

Минатата година се распишаа рекорден број државни специјализации, 240 специјализации и 115 супспецијализации во различни области, а годинава во септември ќе следи и нов конкурс за специјализации, особено во дефицитарни области.

Министерот Филипче потенцираше дека целите се јасни: достапна здравствена заштита за сите граѓани, подигнување на квалитетот на здравствена заштита и условите за работа на лекарите и останатиот медицински персонал со подобрување на условите и квалитетот на услугата.

„Нашата заедничка цел е достигнување на стандардите на современ европски здравствен систем! Со поголеми плати, со подобри услови за специјализација и за практично учење ќе создадеме атмосфера поради која нема да сакате да заминете и ќе останете во вашата земја. Само со заеднички заложби на сите чинители, а особено на вас младите, може да го унапредиме здравствениот систем во Република Северна Македонија“, рече министерот Филипче.

 

 

Сподели на:

Related Posts