ДОЕЊЕТО – НАЈДОБАР НАЧИН ЗА ИСХРАНА НА ДОЕНЧИЊАТА И ОСНОВА ЗА ДОБРО ЗДРАВЈЕ И ВО АДУЛТНАТА ВОЗРАСТ

Во пресрет на Светската недела на доење, што традиционално се одбележува од 1-7 август, претседателката на поткомитетот за промоција, заштита и поддршка на доењето, д-р Мими Кимовска Христова, информираше за активностите на поткомитетот, со цел потенцирање на важноста на доењето од медицински и општествен аспект. 

– Оваа година, мотото на Светската асоцијација за доење (WABA) е „Поддршка на родителите за да се одржи доењето“ (Support parents-enable breastfeeding), со што се потенцира потребата од давање поддршка на семејствата и мајките да го одржат доењето, како и од сите чинители во општеството. Со цел доењето биде успешно, на мајките им е потребна континуирана поддршка во сите фази од мајчинството, почнувајќи од претконцепцискиот период, во текот на бременоста и особено по породувањето, вклучително и на работното место. Токму заради важноста на оваа тема, не само за неделата на доење, туку и во тек на овој месец, па и оваа година ставаме силен фокус и за таа цел во периодот што следува ќе се организираат гостувања на стручни експерти од областа на доење на националните медиуми. Исто така, е планирана и сеопфатна кампања со пораки за важноста и бенефитите на доењето – од членови на покомитетот, реномирани лекари, педијатри, гинеколози, во текот на август, кога се одбележува неделата на доење, а истовремено кон средината на месец август ќе се одржи тркалезна маса во која ќе бидат вклучени повеќе чинители и тоа Министерството за здравство, претседателот на поткомитетот за доење и негови членови, претставници од УНИЦЕФ, граѓански здруженија и стручната јавност, информираше д-р Кимовска Христова.

Д-р Кимовска Христова потсети дека доењето е еден од најважните начини за унапредување и чување на здравјето. Тоа е најдобриот начин на исхрана на доенчињата, ја поставува основата за добро здравје не само во периодот на детството, туку и во адултната возраст, воедно носи и голем број бенефити за мајките и за општеството во целост придонесувајќи кон остварување на сите 17 цели за одржлив развој на ОН. Во согласност со препораките на Светската здравствена организација (СЗО) доењето треба да е екслузивно во првите 6 месеци од животот, да трае до 2 години и подолго, паралелно со воведување други видови храна по 6-от месец.

Досега се имплементирани голем дел од препораките на Светската здравствена организација, кои имаат за цел да го промовираат и заштитат доењето и тоа: имплементација на иницијативата „Болници пријателки на бебињата“ , формиран е национален комитет за доење, постојната легислатива е прилагодена во насока на имплементација на меѓународниот код за забрана на рекламирање на замената на мајчиното млеко, како и во однос на траење на породилното отсуство и правото на вработените мајки на доење.

Континуирано, преку Програмата за активна здравствена заштита на мајките и децата се спроведуваат активности, кои имаат за цел промоција и заштита на доењето, како и обуки на здравствените работници, одбележување на светската недела на доење, изготвување информативни материјали за мајките итн.

Патронажната служба и превентивните советувалишта во здравствените домови, со тим од лекар и сестра се постојано на располагање во давањето стручна помош за справување со сите предизвици поврзани со доењето.

 

Сподели на:

Related Posts