ПРЕМИЕРОТ ЗАЕВ И МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ НА ОТВОРАЊЕТО НА УРГЕНТНИОТ ЦЕНТАР ВО КУМАНОВО: ПАЦИЕНТИТЕ ОД СЕВЕРОИСТОЧНИОТ РЕГИОН НА ЗЕМЈАТА НА ЕДНО МЕСТО ЌЕ ГИ ДОБИВААТ СИТЕ НЕОПХОДНИ ЗДРАВСТВЕНИ УСЛУГИ

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, денеска, присуствуваше на отворањето на ново изградениот Ургентен центар во рамки на општата болница во Куманово. Покрај него, на настанот присуствуваа и заменик на претседателот на Владата и министер за внатрешни работи, Оливер Спасовски, заменик на претседателот на Владата и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Садула Дураки, како и министрите за здравство и за земјоделство, шумарство и водостопанство, д-р Венко Филипче и Трајан Димковски. 

Истакнувајќи ја важноста на новиот Ургентен центар, премиерот Заев подвлече дека се сите единствени кога се во прашање заложбите за подобрување на условите во јавното здравство.

-Драго ми е што општата болница не собра сите од различни етнички заедници  и од сите  политички партии, затоа што е нешто добро. Ова е направено од парите на граѓаните. Ќе остане трајно добро на кумановци, но и на целиот регион во североисточна Македонија,  којашто  од областа на здравството сите знаеме колку е значајна заради секојдневието на животот на граѓаните, заради  секојдневните потреби и заради тоа што навистина е една од трите најголеми стратешки определби на Владата се здравството, образованието и социјалните дејности, рече меѓу другото премиерот Заев.

Во својата изјава за медиумите тој посочи дека во изминатиов период Владата на Република Северна Македонија континуирано инвестира во подобрување на квалитетот на здравствениот систем. Како што додаде премиерот Заев, оваа година се вложуваат 1,3 милијарди денари за општата болница во Куманово, но и за реконструкцијата на болницата во Кичево.

Истовремено премиерот Заев посочи дека продолжува изградбата на штипската болница и дека до крајот на годината во употреба ќе биде пуштена болницата во Струмица, како и дека ќе заврши постапката за почеток на изградбата на Клиничкиот центар во Скопје.

-Пораката е пред се до здравствените  работници голем дел од нив се денеска овде, тоа се лекарите, медицинските сестри, болничарите, сите здравствени работници – останете дома , останете во нашата земја. Ние ќе се потрудиме да ги растеме платите, да ги подобруваме условите на вашето работење, заради тоа што прво никаде не е како дома и второ, дефинитивно им требате на граѓаните, заради тоа што Македонија со своите средства ве едуцирала, ве образовала и еве продолжуваме со средства на граѓаните  да ги растеме и платите и приходите коишто треба да бидат  доволна мотивација за сите, заклучи премиерот Заев. 

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче во својата изјава за медиумите потенцираше дека кумановската болница располага со врвен кадар и додаде дека со новиот Ургентен центар граѓаните ќе добиваат здравствена заштита и услуги на највисоко ниво и дека здравствените работници ќе работат по европски стандарди.

-Во изминатата година ипол се примија огромен број на вработени, како никогаш досега. Капацитетот на кадарот во оваа болница се зголеми за 10%. Понатаму се дадоа 12 специјализации. Сега младите колеги ќе аплицираат за тие специјализации и две супспецијализации. Како што ветивме, го почнавме и процесот на трансформација на работниот однос. Сите вработени во јавното здравство коишто досега беа на договор на дело, ќе станат вработени на неопределено време, изјави меѓу другото министерот за здравство, Филипче.

Со отворањето на новиот Ургентен хируршки центар, како што истакна  директорката на општата болница во Куманово, д-р Снежана Захариева, пациентите на едно место ќе ги добиваат сите неопходни здравствени услуги, односно комплетен хируршки, ортопедски и анестезиолошки преглед.

-Овде ќе добијат една комплетна услуга и тие што одат со упат од матичен доктор и тие коишто дошле заради некоја ургентна и животозагрозувачка состојба. Овде ќе имаме една добра екипираност и на медицинскиот кадар, сите ќе бидат на едно место, што дава една подобра можност за меѓусебна комуникација, консултација и решавање и на најтешките случаи. На едно место ќе се врши тријажа на пациенти, тие коишто треба да примаат терапија и да бидат под опсервација, ќе бидат тука – првпат и дневната болница е на исто место, каде што се амбулантите, а тие коишто се полесни случаи ќе добијат совет и препорака за домашно лекување, рече директорката Захариева.

Во следниот период, како што најави министерот за здравство Филипче, планирано е доопремување на Ургентниот центар со компјутерски томограф и за ултразвучен апарат.

Сподели на:

Related Posts