Експертски тим од Светската здравствена организација ја прогласи Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика при Институтот за јавно здравје за Национален инфлуенца центар и рамноправен член на Глобалниот систем за надзор и одговор на грип.
За таа цел, експертскиот тим спроведе мисија за проценка и верификација на капацитетите на лабораторијата.
Станува збор за многу важно признание за македонското јавно здравство во однос на квалитетот на дијагностиката и резултатите кои што се добиваат од оваа лабораторија. Исполнети се високите критериуми на СЗО од аспект на едуциран кадар, опрема,техники на работа, реагенси, и ниво на безбедност во лабораторијата, за брза, навремена и веродостојна дијагноза не само на сите сезонски хумани и анималните типови на вируси на грип, туку и на други вирусни, високо патогени агенси, значајни за јавното здравје, еквивалентни на тие во останатите Национални Инфлуенца Центри во Европа и светот.
Оваа лабораторија активно е вклучена во предвидувањето на соевите на грип кои ќе циркулираат во Македонија и во Европа и во одредувањето на соевите кои ќе бидат вклучени во креирањето на вакцините за грип за следната сезона. Со тоа нашата земја дирекно е вклучена во превенцијата на грипот.
Лабораторијата за вирусологија и молекуларна дијагностика е референтна лабораторија во земјата за детекција на вирусни заболувања, вклучувајќи грип, морбили и рубеола, арбовируси (западно нилска треска, усуту вирус, вирус на крлежен енцефалкит, ЗИКА, вирус на рифт валеј треска и др), вируси на хеморагични трески (хантавирус, кримско конгоанска треска) и други.
Процесот на унапредување на капацитетите на лабораторијата е континуиран, особено со интензивирање на соработката со СЗО, Центарот за контрола и превенција на болести во САД (ЦДЦ- Атланта), Здружението на јавно-здравствени лаборатории на САД, Центарот за надзор и контрола на инфективни болести на Југоисточна Европа (СЕЦИД) и други меѓународни партнери кои обезбедија едукација и техничко- технолошка помош во развојот на капацитетите на оваа лабораторија.