ОД ДЕНЕСКА ВОЛОНТЕРИ НА ЦРВЕН КРСТ КАКО ВОДИЧИ ЗА ПОЛЕСНО СНАОЃАЊЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ ВО КОМПЛЕКСОТ КЛИНИКИ ВО СКОПЈЕ

Петнаесет волонтери ќе помагаат за полесно снаоѓање на пациентите во  Клиничкиот кампус „Мајка Тереза“ во Скопје. Проектот се спроведува во соработка со Министерството за здравство на Република Северна Македонија и Црвениот Крст на Град Скопје. 

Волонтерите се лоцирани на на седум најфреквентни локации во комплексот клиники, во периодот од 8:30 до 12 часот, секој работен ден.

-Истражувањата што ги правевме по клиниките покажаа дека пациентите имаат проблем со снаоѓањето во комплексот. На овој начин ќе им се овозможи полесно да ги најдат одделите, и секако докторите. Ова е само почеток на проект што ќе овозможи побрза реакција кај докторите и медицинскиот персонал во однос на грижата за пациенти. Во интерес на сите е пациентите да добијат брза и квалитетна услуга. Оваа форма на помош функционира и на други клиники во Европа и од тамошната јавност е препознаена како добра практика, изјави министерот за здравство Венко Филипче. 

Волонтерите имаат униформа на Црвениот крст за полесно препознавање, а на Клиниките за онкологија, гинекологија, инфективна, кардиологија, за детски болести, хируршки и интерни клиники имаат свои информативни места каде граѓаните може да се обратат за помош.

Подготвени се брошури и флаери на кои има основни информации за нивниот ангажман, но и мапа на која се одбележани сите клиники, кои се наоѓаат во рамки на Клиничкиот центар.

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, изјави дека станува збор за неверојатно хуман ангажман на волонтерите од Црвен крст, кои ќе им помагаат на пациентите во полесно снаоѓање низ Клиничкиот кампус.

Од Министерството за здравство и Црвениот крст очекуваат добар прием кај сите потенцијални корисници на услугите и овој проект го сметаат за позитивен чекор кон волонтерските сервиси на задоволство кај граѓаните, кои имаат потреба од овие услуги. Во проектот ќе бидат вклучени волонтери, кои претходно работеле во рамки на овие здравствени институции, но и млади кои работеле на проекти во здравствените институции.

Според Сузана Тунева-Пауновска, секретар на Црвен Крст на Град Скопје, овој проект е показател дека желба за промени има и дека сите заеднички имаме цел да помогнеме таму каде помош е потребна.

-Ангажирани се 15 волонтери кои поминаа претходна обука за основите на првата помош, комуникација и техники за комуницирање, како и психолошка поддршка. Отпечатени се флаери со мапа на која се универзитетските клиники. Реализирани се и теренски посети на клиниките и директен контакт со одговорни лица од Министерството за здравство на Република Северна Македонија и главните сестри на Универзитетските клиники. Веќе се поставени инфо-пултови на неколку клиники, каде сите заинтересирани лица може да се обратат до волонтерите на Црвен крст. Ангажирани се и волонтери од трето доба, тие се мотивирани да им помогнат на сите кои ќе побараат помош од нив. Како Црвен крст ние ги охрабруваме сите постари лица, кои се чувствуваат витални да се приклучат кон овој или слични проекти на Црвениот Крст, изјави Пауновска. 

Во текот на обуките, волонтерите добија знаења и вештини за тоа како да го олеснат пристапот на сите лица, кои имаат потреба од помош и поддршка во наоѓање на универзитетските клиники (физичко лоцирање), административни процедури за пациенти, како и водење на сите тие кои имаат потреба од дополнителна помош во интерните одделенија (шалтери, соби за преглед, термини за прием, одговорен лекар итн). Во рамки на проектот се изработени и брошури за прва психолошка помош на македонски, албански и ромски јазик.

Со сите овие активности, презентираме еден начин за поддршка и подобрување на моделот на здравствена заштита во Република Северна Македонија со кој се олеснува пристапот до болничките услуги.

 

Сподели на:

Related Posts