ШЕСТИ КОНГРЕС ЗА АНЕСТЕЗИОЛОГИЈА, РЕАНИМАЦИЈА И ИНТЕНЗИВНА НЕГА СО МЕЃУНАРОДНО УЧЕСТВО

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, вчера го отвори Шестиот конгрес за анестезиологија, реанимација и интензивна нега со меѓународно учество, кој овие три денови се одржува во Охрид.

„Конгресот е одлична можност да размениме искуства и новини од областа на анестезиологијата, реанимацијата и интензивната нега, како и да ја унапредиме соработката меѓу домашните и странските експерти. Би сакал да истакнам дека водиме максимална грижа за подобро здравје на пациентите и обезбедуваме нови и современи медицински апарати за да ја пружиме потребната и неопходна здравствена заштита“, изјави министерот Филипче. 

Минатата година, набавен е нов апарат за видео лариноскопија и ендоскопија за обезбедување на дишен пат, наменет за пациентите кои се лекуваат на Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување – КАРИЛ. Со помош на овој апарат, анестезиолозите можат полесно да интубираат пациенти кои се хоспитализирани на оваа Клиника и се во ризик.

„Покрај континуираните трансплантации од жив донор, по  три години пауза, на КАРИЛ успешно се изведени четири кадаверични трансплантации и 8 пациенти на дијализа добија шанса за нормален живот со бубрег од починат донор. Во 2018 година, успешно ја извршивме и првата несродна трансплатација на матични хематопоетски клетки, која претставува револуционерен чекор на македонското јавно здравство. Исто така, употребуваме и нова комбинирана метода на тромболиза и тромбектомија, која кај нас веќе станува практика“, потенцираше министерот Филипче.

Со здружението на медицински сестри, техничари и акушерки и Здружението на анестезиолози имаме соработка во полето на едукациите. Беа одржани обуки за медицински сестри за постапување при животозагрозувачки состојби, како прв чекор во континуираниот процес на едукација.

Министерот Филипче им посака успешна работа на Конгресот, кој треба да придонесе размена на нови идеи и техники. Остануваме посветени на обезбедување највисока здравствена заштита и нега за сите пациенти.

Сподели на:

Related Posts