ФИЛИПЧЕ: СЕ ВОВЕДУВА НАЈНАПРЕДНА ТЕХНОЛОГИЈА ЗА СКРИНИНГ НА РАК НА ДОЈКА ВО РАНА ФАЗА

Во Клиничката болница Битола, денеска, министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, министерот за локална самоуправа Горан Милевски и директорот на болницата, д-р Зоран Лазаров го пуштија во употреба новиот дигитален мамограф. 

-Обезбедивме најсофистициран апарат за дијагностика на рак на дојка, кој денеска се користи во сите современи светски клиники. Дигиталниот мамограф во споредба со  (досегашниот) аналоген му овозможува на радиологот многу полесно да ги забележи и дијагностицира абномарлностите на дојката и претставува најсовремената метода за скрининг на рак на дојка во рана фаза. Неодамна, првпат од функционирањето на мамографскиот скрининг воведовме и двојно читање на мамографските слики, кои се независно анализирани од двајца радиолози, со искуство во читање мамографски слики од минимум 800 пациентки. На овој начин ги реализираме нашите заложби за превентива, но и точна и прецизна дијагностика, што е од исклучителна важност за понатамошен третман на пациентката, изјави министерот Филипче.

Истакнувајќи ја важноста од едукација на жените од тешко пристапните подрачја во регионот за редовни прегледи на дојка, Филипче потенцираше дека новиот дигитален мамограф е достапен за бесплатни, превентивни мамографски прегледи за сите жени во битолскиот регион, вклучувајќи ги и пациентките од тешко пристапните подрачја.

-Би сакал да истакнам и дека набавивме иновативна, биолошка терапија која претставува нов пристап во третманот на онколошките заболувања, а што е уште една значајна придобивка за пациентите заболени од рак, вклучително и пациентките заболени од рак на дојка, информираше Филипче, истакнувајќи дека првпат сите жени на коишто им е потребна терапија по операција или без операција на рак на дојка, отсега се покриени со целата терапија којашто им е потребна.

-Сето ова се значајни чекори кои Министерството за здравство ги презема во насока на современа медицинска технологија и иновативен пристап во лекување на пациентите, а кои ќе овозможат навремена дијагностика и ефективен третман, но и превенција од ова малигно заболување кај жените, потенцираше министерот Филипче.

Дигиталниот мамограф е обезбеден преку проект од ИПА програмата за меѓугранична соработка Грција-Северна Македонија (2014-2020).

Директорот на КБ Битола, д-р Зоран Лазаров посочи дека со овој проект од ИПА програмата треба да се подобри здравствената заштита во пограничниот регион.

-Преку проектот нудиме скрининг (мамографија, ултразвучен преглед и медицински испитувања), ги едуцираме жените во врска со потребата од скрининг услуги и редовни прегледи, а нашата цел е превентива, рано откривање карциноми кај жените, затоа што ран третман и подобра прогноза може да доведе до намалување на стапката на морталитет и морбидитет. Конкретно во битолскиот регион ќе се спроведе скрининг на 200 пациентки во вид на мамографски прегледи и гинеколошки ПАП тестови. Со организиран превоз ќе се носат пациентките од Новаци, Претор, Грнчари и Меџитлија во болницата за овие прегледи“, изјави директорот Лазаров.

Министерот за локална самоуправа Горан Милевски рече дека преку програмите на ЕУ и министерството се овозможуваат и подобри здравствени услуги.

-Ние како Министерство за локална самоуправа на граѓаните на пелагонискиот регион, преку ИПА програмата им овозможуваме комплетна бесплатна услуга за рано откривање карционом на дојките. Тоа што би сакал да потенцирам е дека од наша страна е овозможен 15% од вкупниот буџет на набавката. Ние и понатаму преку нашите проекти ќе овозможуваме еднакви можности за сите граѓани и општини преку програмите на Европска Унија, изјави министерот Милевски.

Проектот е финансиран од Европската унија и кофинансиран од Министерството за локална самоуправа на РСМ со 15% од вкупниот буџет. Партнери во проектот се: Национална организација за обезбедување здравствени услуги од Солун, Интернационален Универзитет на Грција од Солун, Општа болница Пела-Грција, Општа болница Гевгелија и Клиничка болница Битола.

Видео од изјавата на министерот Филипче: https://youtu.be/tw6XHuiyZUY

Сподели на:

Related Posts