НАПРАВИВМЕ РЕКОРДНО ЗГОЛЕМУВАЊЕ НА ПЛАТИТЕ НА ЗДРАВСТВЕНИТЕ РАБОТНИЦИ, ПРОДОЛЖУВАМЕ ДА ИНВЕСТИРАМЕ ВО ЧОВЕЧКИОТ КАПИТАЛ

Квалификуван и мотивиран медицински кадар е еден од основните предуслови за квалитетно здравство. Во изминатиот период направени се сериозни вложувања во човечкиот капитал.

За период од две години, дадени се повеќе од 5000 согласности за вработувања во јавното здравство. За најмалку 10% е зголемен капацитетот со човечки капитал во секоја јавно-здравствена установа.

Направено е рекордно зголемување на платите. Основната плата на лекарот специјалист е зголемена за 40%, на медицинските сестри до 23%, на општите лекари 25% и 15% на останатите здравствени соработници, заклучно со февруари 2020 година.

За 15% е зголемен капитациониот бод на матичните лекари од општа пракса, педијатрија, гинекологија и стоматологија, а на терциерно ниво се одобрија повеќе од 1000 специјализации и супспецијализации.

За првпат, приватните специјализанти се платени за својот труд во висина од просечна плата на општ лекар. Додека пак, приватните специјализанти – доктори на медицина од конкурсот 2019 ќе бидат платени за својата работа од февруари 2020 година. Постигнат е договор и со кофинансираните специјализанти, со што се пристапува кон измена на Законот за здравствена заштита, согласно нивните барања.

Со сите овие мерки, не само што се зајакнуваат професионалните капацитети на здравствените работници, туку се овозможуваат услови за нивна работа дома и можност тие својата иднина и кариера да ја гледаат во македонското јавно здравство.

Министерството за здравство и во 2020 година продолжува да инвестира во човечкиот капитал, затоа што само со мотивирани здравствени работници ќе има и задоволни пациенти.

Сподели на:

Related Posts