На денешниот состанок на Комисијата за заразни болести беше донесена одлука за нови мерки, која ќе биде предложена до Владата на Република Северна Македонија. Министерот за здравство д-р Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека оваа одлука е донесена со консензус од сите членови на Комисијата, а врз основа на епидемиолошката состојба и со цел да се намали евентуалниот притисок врз болниците, како што кажа тој, потребно е болниците да работат за сите граѓани, не само за Ковид позитивните пациенти.
Сите вработени во јавниот сектор, локалната самоуправа, сите институции за одење на работно место да прикажат потврда за најмалку една примена вакцина или да имаат ПЦР негативен тест кој ќе важи најмалку 72 часа, а ќе биде направен на сопствен трошок или ќе приложат потврда за прележан Ковид 19, не постар од 45 дена или ќе имаат потврда од лекар специјалист дека вакцината не може да ја примат, а тоа се една од оние ретки имунолошки состојби за кои ние ќе излеземе со соодветна листа на болести и специјалисти кои тие потврди ќе може да ги издаваат, соопшти министерот Филипче.
Комисијата за заразни болести препорача и вакцинацијата да биде задолжителна за сите здравствени работници, а мерките денес предложени да стапат на сила 10 дена откако ќе ги усвои Владата за да граѓаните имаат време да се вакцинираат и 30 дена за здравствените работници коишто во овој момент се уште се невакцинирани. Министерот Филипче изјави дека препораките се до овие мерки да се приклучат и приватните компании, со цел да се заштитат производствените капацитети и целокупниот економски процес во земјата.
-Бараме да се ажурура процесот за спроведување на контрола на здравствените сертификати, користејќи ги електорнските алатки на европските сертификати преку апликација којашто го прикажува вистинскиот QR код и ја контролира неговата валидност. Ова е мерка со којашто очекуваме значајно да се зголеми опфатот со вакцинацијата, изјави министерот Филипче.