МЕЏИТИ ВО ПОСЕТА НА ДРЖАВНА КАРДИОХИРУРГИЈА: СПАСИВМЕ ЧЕТИРИ ЖИВОТИ И ИСПИШАВМЕ ИСТОРИЈА ВО МАКЕДОНСКОТО ЗДРАВСТВО

Министерот за здравство д-р Фатмир Меџити денес ја посети Клиниката за државна кардиохирургија, каде е хоспитализиран пациентот кој пред пет дена доби нова шанса за живот по извршената трансплантација на срце.

Четириесетгодишниот пациент од Скопје, во чии гради сега чука ново срце благодарение на хуманоста на едно семејство, во моментот се наоѓа во стабилна здравствена состојба.

Министерот Меџити изрази голема благодарност до лекарскиот тим и до семејството на дарителот кое го препознало органодарителство како највисок акт на хуманост.

-Сведоци сме на еден историски чин во македонското здравство, првпат од еден донор беа експлантирани четири органи и четири пациенти добија шанса за поквалитетен живот. Сите пациенти во моментот се стабилни и сакам да изразам огромна благодарност, како до хуманото семејство на дарителот, така и до сите здравствени работници. Нашите здравствени работници се големи професионалци кои безрезервно се заложија и успеаја да спасат четири животи, истакна министерот Меџити.

Министерот Меџити потенцираше дека е горд на овој значаен успех во македонското здравство и на сите пациенти им посака брзо и лесно закрепнување. Мeџити ги охрабри здравствените работници да продолжат посветено да работат и да се борат за квалитетен живот за секој пациент.

-Свеста за органодарителството расте и се повеќе семејства се одлучуваат да ги донираат органите на своите блиски во време на голема тага кога губат свој близок. Овие луѓе ја заслужуваат нашата најголема почит, истакна министерот Меџити.

Од 2020 година досега имало вкупно 19 донори на органи, а од нив се трансплантирани 34 бубрези, три црни дроба, направена e 21 експлантација на коскени ткива и извршена е трансплантација на девет срца, со што е направен значаен напредок во здравствениот систем.

Сподели на:

Related Posts