Министерот за здравство, д-р Фатмир Меџити, денеска заедно со главниот финансиски директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка АД Скопје, Маја Стевкова Штериева и директорот на кластер Западен Балкан, Фармација при „Алкалоид“ АД Скопје, Владимир Индов, потпишаа договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија.
-Исполнуваме уште едно ветување, со поддршка од општественo одговорнитe компании Алкалоид и Комерцијална банка потпишавме договор за формирање нов ургентен интернистички центар на Универзитетската клиника за токсикологија. Ова е инвестиција којашто ја најавив како еден од нашите приоритети и навистина сум многу горд што почнуваме со нејзина реализација.
Целта на овој тријажен центар е да претставува прв контакт со пациентите, каде е предвидено да се пружа итна здравствена заштита. Тука, пациентите од нивниот прием би претстојувале 24 до 48 часа по што доколку е потребно би се упатиле во болничките оддели на некоја од интерните клиники или би биле пуштени дома. Следејќи ги современите стандарди за врвни и квалитетни здравствени услуги, ќе се изврши реконструкција на простор од околу 750 м². Во рамки на просторот ќе има и посебна просторија за опсервација на пациенти – интензивна нега, како и полуинтензивна нега. Во просториите на интернистичкиот ургентен центар ќе бидат сместени и компјутерски томограф, ретнген, ЕХО апарат, ендоскопија.
Упатувам благодарност до компаниите за придонесот кон унапредување на здравствениот систем и квалитетот на услуги за нашите пациенти. За една година направивме позитивни промени во јавното здравство, продолжуваме и понатаму со ист интензитет да го зајакнуваме здравствениот систем, изјави Меџити.