Клиниката за уво, нос и грло, најостро реагира до редакцијата на „Курир“ и „НетПрес“ за текстот „Си заминуваат десеттина вработени од Клиниката за уво, нос и грло“, објавен на 23 април 2019 година, во кој се вели дека овие десеттина вработени заминуваат поради притисоците со кои се соочуваат.
Од 05.02.2018 година до денеска, 6 вработени заминале во редовна старосна пензија, од кои еден е доктор специјалист. Од останатите 4, спогодбено, на нивно барање ја имаат напуштено Клиниката.
– Доктор поради семејни причини замина да живее во странство;
– Медицинска сестра со 40 години работно искуство, поради семејни обврски побара да замине во пензија;
– Медицинска сестра замина да работи во приватната болница во Петровец, заради близината на местото на живеење;
– Болничар кој беше со договор на дело замина на работа во странство.
До сега, на Клиниката за уво, нос и грло реализирани се 5 вработувања. Двајца доктори, еден доктор кој е во постапка на прием поради претседателските избори и две медицински сестри кои се редовно вработени.
Дополнително, добиена е согласност од Министерството за здравство за 10 вработувања на неопределено време на Клиниката. Се чека согласност и од Министерството за финансии. По завршувањето на изборите ќе биде распишан конкурс за прием на овие лица на неопределено време.
Клиниката ви стои на располагање и отворено е за какво било појаснување или одговор во секое време, пред да се пласираат неточни информации во јавноста.