Министерот за здравство д-р Илир Демири потпиша заедничка Декларација со Лекарската комора за поддршка на вакцинацијата, со цел зајакнување на институционалната поддршка на процесот на вакцинација и континуирано спроведување заеднички активностите за нејзина промоција.
Во своето излагање, тој истакна дека сме сведоци на објавување лажни вести и дезинформации во секој сегмент од општеството, но дезинформациите кога е во прашање здравството можат да бидат опасни по живот.
-Неопходно е заеднички да работиме на подигнување на нивото на здравствена едукација кај населението, имајќи предвид дека многу болести се превенирани токму поради вакцинацијата. Епидемијата со голема кашлица со која за жал се соочуваме во моментов е поради невакцинирањето на децата, а можеме да ја сузбиеме преку имунизација на нашите деца, рече Демири.
Тој потсети дека во периодот 2018-2019 година кога беше регистрирана епидемија на морбили заради опаднат опфат на вакцинација од 74 проценти, само во таа година се дадени 41.623 дози вакцини на деца до 14 години и како резултат на тоа е спречено натамошно ширење на епидемијата.
-Во насока на подигнување на свесноста и афирмирање на имунизацијата, Министерството за здравство, во соработка со УН партнерите, спроведе неколку кампањи за информирање на родителите за важноста од вакцинацијата. Од двете реализирани кампањи „Од врата до врата“ над пет илјади деца се вакцинирани или закажани за термини вакцинација и повеќе од 13 илјади едукативни материјали се поделени, како за рутинска, така и за ковид вакцинацијата. Со потпишување на заедничката Декларација формираме поширок фронт за поддршка на вакцинацијата, одржување континуитет на активностите и потенцирање на важноста на имунизацијата. Наша заедничка цел е заштита и унапредување на здравјето на граѓаните и само заеднички – со здравствената фела можеме да ја реализираме оваа цел, рече Демири.