ДИРЕКТОРОТ НА УПРАВАТА ЗА ЕЛЕКТРОНСКО ЗДРАВСТВО НА ДВОДНЕВНА РАБОТИЛНИЦА НА ТЕМА „РАЗВОЈ НА ИНТЕГРИРАН ЗДРАВСТВЕН ИНФОРМАТИЧКИ СИСТЕМ“

Управата за електронско здравство користејќи го инструментот за техничка помош и размена на информации на Европската комисија  (TAIEX) во текот на денешниот и утрешниот ден (11 и 12 јуни)  организира работилница на тема „Развој на интегриран здравствен информатички систем“.

Целта на работилницата е споделување на најдобрите практики на ЕУ за воспоставување на напреден здравствен информатички и комуникациски систем како и развивање на национална стратегија за е-здравство.

Учесници во работилницата се вработените во Управата за електронско здравство, Министерство за здравство, Министерство за труд и социјална политика, Министерство за информатичко општество и администрација, претставници од здравствени установи, Агенција за квалитет и акредитација на здравствените установи, Фонд за здравствено осигурување, Факултет за информатички науки и компјутерско инженество (ФИНКИ).

Свое обраќање на оваа работилница имаше и директорот на Управата за електонско здравство, Беким Хаљими кој истакна дека главна мисија на Управата за електронско здравство како орган на државната управа е надградба на Националниот систем за електронски евиденции во здравството – Мој Термин и дека тоа опфаќа оптимизација на процесите во електронските евиденции во здравството, давање на предлози за подобрување на законското регулирање на процесите во евиденциите, одржување на системите, контрола над работата и безбедноста на Националниот систем, едукација на здравствениот кадар, како и анализа на сите процеси и функционалности поврзани со работењето на истиот.

Постојаната надградба и усовршување на еден од најефикасните интегрирани национални системи во Македонија, во овој случај систем за електронски евиденции во здравството на сите нивоа на здравствена заштита ми е главен приоритет мене како Директор на Управата за електронско здравство. Имајќи во предвид дека повеќе од 4.000 здравствени установи се приклучени кон Националниот систем – Мој Термин, како и податокот дека системот го користат повеќе од 18.000 корисници  од една страна чувствувам голема одговорност, но од друга страна ми е чест што имам можност да придонесам во развојот на самиот систем заедно со мојот мал по број, но голем по резултати тим кој секојдневно покажува и докажува дека постои иновативност, заложби за промени и посветеност кон работата, истакна директорот Хаљими во своето обраќање.

Инаку, експертите предложени од Европска комисија кои  ги водат сесиите се од Р. Хрватска, Озрен Пезо, Фонд за здравствено осигурување, помошник директор за ИКТ и Синиша Варга, потпретседател на Комисија за здравство и социјална политика, поранешен министер за здравство (2014-2016) и директор на Фонд за здравствено осигурување (2012-2014).

Оваа работилница е добра можност сите присутни  да бидат  запознаени со добрите  европски практики во однос на воспоставувањето и одржувањето на напредни здравствени информатички системи, а заедничка заложба на сите инволвирани во овој процес е стекнатите знаења и искуства да се преточат во краткорочен и среднорочен стратешки план за развој на Националниот систем.
Процесот на изработување на стратешки план за развој на Националниот систем претставува продолжување на реформските процеси во областа на електронските евиденции во здравството, како и следење на заложбите на Владата на Република Македонија за имплементација на Европските и Светските практики за овозможување на целокупна електронска здравствена евиденција.

Сподели на:

Related Posts