Експерти од главната канцеларија на Светската здравствена организација (СЗО) и од балканскиот центар за вонредни состојби на СЗО спроведоа техничка мисија во периодот од 31 мај до 2 јуни, 2022 година, како дел од континуираната соработка со здраствените власти за зајакнување на системот за подготвеност и одговор на јавноздравствени вонредни состојби, вклучувајќи ја и контролата на Ковид-19.
Заедно со партнерите од редовите на епидемиолозите и професионалците во областа на јавното здравје од државата, експертите на СЗО работеа на поддршка на Министерството за здравство за доведување на националниот центар за јавноздравствени вонредни состојби (ЦЈЗВС) до состојба на целосна функционалност низ целата територија на државата.
Центар за јавноздравствени вонредни состојби претставува централна локација каде се собира одговорниот кадар за координирање на оперативните информации и ресурси за стратегиско и тактичко справување со јавноздравствени настани и вонредни состојби. Ова тело овозможува делотворна мултисекторска комуникација и координација, кои се од решавачка важност со оглед на мултидисциплинарната природа на вонредните состојби.
Како дел од мисијата, експертите на СЗО ги поддржаа локалните партнери во изготвувањето стандардни оперативни протоколи за ЦЈЗВС и во промоцијата на т.н. оперативен план за здравствениот сектор кој се однесува на вонредни состојби.