ФИЛИПЧЕ: КАПАЦИТЕТИТЕ НА ЗДРАВСТВОТО СЕ СПРЕМНИ ЗА ЕСЕН, СЕКОЈ ПАЦИЕНТ ДА ДОБИЕ СООДВЕТНА И НАВРЕМЕНА ЗДРАВСТВЕНА УСЛУГА

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во вечерашното гостување во емисијата „Само Вистина“ на Канал 5 Телевизија истакна дека во однос на есенскиот период, здравствениот систем е целосно подготвен за евентуалното зголемување на бројот на ковид пациенти.

„Сакам да ги уверам граѓаните дека сме спремни со инфраструктура, медицинска опрема, и со кадар, а таму каде што нема обезбедуваме по веќе утврдениот систем на ротација. Подготвени сме и со лабораториски и дополнителни болнички капацитети, а по примерот на мини клиниката до Инфективната клиника и новата амбуланта на Клиниката за пулмологија, која ќе биде тријажен центар за Клиничкиот центар, поставуваме 16 алтернативни ковид центри низ градовите. Направивме и една целосна реорганизација на Клиничкиот центар, вклучително и на улиците, за да се олесни движењето на пациентите. Ги ангажираме и младите лекари. Имавме состанок со тукушто дипломираните и лиценцирани лекари. Огромен процент од нив сакаат да работат во ковид центрите. Обезбедуваме финансии да ги вработиме по завршувањето на платениот стаж. Целосно сме спремни, ако има некакво влошување на епидемијата да реагираме брзо и апсолутно секој пациент да добие соодветна, квалитетна, брза, навремена здравствена услуга.“ – истакна Филипче.

Оценувајќи ја моменталната состојба со епидемијата како стабилна, Филипче укажа на зголемениот ризик од трансмисија на вирусот во есенскиот период заради тоа што луѓето сé помалку ќе бидат надвор, а сé повеќе ќе престојуваат во затворени простории.

„Луѓето на почетокот на септември се враќаат на работните места, завршени се одморите, се зголемува таа фреквенција на комуникација, градинките почнуваат со работа од следната недела и сето тоа се ризик фактори, кои можно е да ја влошат сликата на епидемијата. Во таа смисла, ние интензивно работиме и ги подготвуваме капацитетите на здравството“- истакна Филипче.

Сподели на:

Related Posts