Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, утрово учествуваше на тркалезна маса „Трансформација на општеството: Заедница за сите“, организирана по повод 3 Декември, Меѓународниот ден на лицата со попреченост.
Тој изрази задоволство што му е дадена можноста да партиципира на состанокот и да сподели информации во однос на тоа што е направено во изминатите три години заедно со институциите и граѓанските организации.
На тркалезната маса, Филипче потенцираше дека сите оние коишто имаат мака и се соочуваат со пречки во општеството се тие коишто треба да бидат слушнати, заради тоа што нивниот глас треба да биде водич и на институциите, да им каже каде точно се лоцирани проблемите и на кој начин треба да се реши.
„Ковид кризата поремети и успори многу планови. Но и за време на оваа криза водевме сметка за лицата со попреченост во делот на препораката на превентивните мерки. Во многу ситуации тие се изземени, имајќи предвид карактеристиките и спецификите на нивното движење, на нивното функционирање. Во делот на обезбедување на пристап, на неколку места поставивме физички пристап на амбуланти, болници. Ова го направивме во соработка со граѓански организации во Здравствениот дом, болницата во Охрид, во повеќе амбуланти. Ќе ја споменам амбулантата во Сопиште која што никако не можеше да се пристапи освен со соодветна рампа. Навистина посветивме внимание. Сите нови ковид центри кои сега се во фаза на изготвување, на инсталирање со помош на проектот на Светска банка се испланирани така да имаат пристап со количка од страна на лица со попреченост“, изјави Филипче.
Филипче истакна дека во изминатиот период интензивно се работеше и со Фондот за здравствено осигурување.
„Се направи измена во правилникот, се зголеми пристапот кон ортопедски помагала, се воведоа лесни и ултра лесни колички. За првпат се воведе рефундација за надстандардното ортопедско помагало. За првпат после огромен број на години значајно се зголеми стандардот на ортопедските помагала во делот на лицата со физичка попреченост. И наместо досегашните хидраулични сега миоелектронски помагала може да имаат пациентите кои имаат еднострана или двострана ампутација на долните или горните екстремитети“, рече Филипче.
Исто така, направена е инвестиција и во лековите. Најмалите деца кои имаат физичка попреченост како резултат на болеста, сега го примаат лекот Спинраза, кој за првпат се воведе минатата година.
Морам да го споменам делот во инвестиција на лековите. Тоа е лекот Спинраза за најмалите деца кои имаат физичка попреченост како резултат на болеста.
„Едно мало бебе веќе се спаси, му го спасивме животот благодарение на оваа инвестиција на лекови. И тоа веќе самостојно може да функционира. Инвестиравме многу во соработка со граѓанските организации во делот на обезбедување на сензорни соби, посебно за децата со попреченост во интелектуалниот развој. Таква сензорна соба веќе постои во рамките на Центарот за слух, говор и глас, во Општата болница во Охрид, давајќи услуга којашто дотогаш не беше воопшто достапна на огромен број на деца кои живеат во тие региони“, посочи Филипче.
Во делот на Меѓународната класификација на функционалности, се работеше на еден систем подолг период. Во разговор со многу здравствени соработници, експерти кои со години работат во ова поле, поделени во повеќе институции, се договори и се организира начинот на којшто треба да функционира овој систем.
„Здравствените соработници, логопеди веќе се префрлени на своите нови работни места во рамките на Здравствениот дом Скопје. Тука на еден централизиран начин откаде што ќе има покриеност на територијата на целата држава, согласно новиот систем на проценка на функционалности овој систем ќе биде ставен многу скоро во функција. Во припрема е Измена на Законот за здравствено осигурување кадешто се првпат овие услуги ќе бидат третирани и плаќани како здравствени услуги. Јас верувам дека овој начин на соработка со граѓанските организации во оваа сфера ќе продолжи и понатаму. Ние сме тука како институции на располагање да излеземе во пресрет. Искрено се надевам дека и следниот 3 декември ќе имаме што ново да споделиме се во интерес на оваа категорија на граѓани“, информираше Филипче.
/**
*/