Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче денеска во изјава за медиуми се осврна на состојбата со болничките капацитети, особено на интерните клиники кои од неодамна хоспитализираат пациенти со Ковид-19.
Согласно утринскиот извештај на установите кои згрижуваат ковид пациенти, на Кожната клиника во ковид центарот се лекуваат 18 пациенти, на Клиниката за неврологија 20, а на Институтот за ТБЦ 54 пациенти.
Слободни места има доволно во ковид центрите на интерните клиники, а се очекува во тек на денот, по направените исписи на оздравените пациенти, да се ослободат и дополнителни места и на Клиниката за инфективни болести и во ГОБ „8 Септември“, каде во моментот се сместени 161 односно 79 пациенти соодветно.
-На интерните клиники има слободни кревети, пристап до кислород и сé што е потребно за лекување на пациентите. Огромен е притисокот во изминатите денови меѓутоа со ова дополнително обезбедување болнички капацитети, оспособување на интерните одделенија, подготовката на кадарот, системот на ротација, обезбедени се слободни капацитети. И за периодот којшто доаѓа имаме план за сместување на пациенти и на други интерни клиники и секако план за распоред на стручниот кадар, лекари интернисти и медицински сестри коишто ќе работат со ковид пациенти. Во овој момент сé уште нема потреба да се менува системот за закажување МојТермин меѓутоа, подготвени сме да ако дојде до тоа, практично, се намали редовниот програм во повеќе болнички установи, не само со цел да се обезбеди доволно сместувачки капацитети туку и кадарот да биде на располагање, изјави министерот Филипче.
/**
*/