ФИЛИПЧЕ: НАПРАВИВМЕ ДОБРА ОРГАНИЗАЦИЈА – ЕДНАШ КОГА ЌЕ ПОЧНЕ ИМУНИЗАЦИЈАТА ДА НЕ ЗАПРЕ

Министерот за здравство д-р Венко Филипче и претседателката на Комитетот за имунизација д-р Александра Грозданова, денеска присуствуваа на почетокот на процесот на вакцинација во земјава, каде први вакцината против КОВИД-19 ја примија двајца здравствени работници од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби.

Станува збор за главната сестра Габриела Темелковска и примариус д-р Добринка Наунова Јовановска, специјалист за неуроинфекции од инфективната клиника. Со денешното нивно вакцинирање практично почна имунизацијата против коронавирусот во земјава.
Во изјава за медиумите, министерот Филипче потенцираше дека главната сестра Темелковска и д-р Наунова Јовановска се дел од персоналот на Инфекивната клиника кои во изминатата година деноноќно работеа и се бореа за спасување на секој еден човечки живот.

-Докторката Добринка и главната сестра Габриела се првите коишто ја примија вакцината на Фајзер. Денеска продолжува вакцинацијата на сите вработени на инфективната клиника, а следат и вработените во сите КОВИД центри, најпрво во Скопје: ГОБ 8 Септември, Институтот за белодробни заболувања кај децата Козле, интерните клиники – сите коишто работеле и сѐ уште работат со ковид пациенти. Понатаму, за време на викендот и болниците ширум државата, како и приватните болници, истакна Филипче.

Согласно вчерашниот разговор со претставници на компанијата Фајзер, министерот Филипче најави дека останатата количина на 4000 дози од Република Србија треба да пристигнат следната недела. Сите пријавени 4000 здравствени работници за првиот бран на вакцинација кои работат со КОВИД пациенти ќе бидат вакцинирани.

Сподели на:

Related Posts