Министерот за здравство д-р Венко Филипче, генералниот извршен директор на Стопанска банка Диомидис Николетопулос и директорот на Здравствен дом Скопје д-р Виктор Исјановски денеска беа во посета на Поликлиниката Букурешт по повод донација од Стопанска банка за Здравствениот дом.
Министерот Филипче изрази благодарност до директорот Николетопулос којшто од почетокот на КОВИД кризата покажа дека оваа компанија е општествено одговорна и донираше средства и опрема таму кадешто е најмногу потребно.
„На почетокот во делот на инфективната клиника, во опрема, респираторни машини, мобилен апарат за рентгенски снимки на белите дробови. Целосно се заокружи тој сегмент во делот за интензивна нега на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби. Тоа и сега се користи, што значи дека пациентите се снимаат во креветите кадешто лежат и се лекуваат, значајно се олеснува пристапот до оваа услуга. Уште тогаш најавија дека нема да запрат и ќе продолжат и понатаму. Благодарение на оваа помош сега се целосно опремени со посебни системи за навигација и GPS локација сите возила кои ги користи итната помош во Здравствениот дом во Скопје. Тоа значи дека за 21 возило, секогаш преку централниот мониторинг во Службата ќе се знае точно каде се лоцирани, податоци во однос на повиците, времето кое е потребно да се јават и укажат итна медицинска помош после повикот, што значи дека значајно ќе се рационализира работата и дека до местото на повик ќе стигнува возилото коешто веднаш ќе биде лоцирано дека се наоѓа најблиску. Граѓаните на Скопје, на околината на градот сега ќе имаат многу побрз пристап и здравствена услуга во делот на итната медицинска помош“, потенцираше министерот Филипче.
Директорот на Стопанска Банка Николетопулос изјави дека последните 10 месеци сите нивни напори и буџети се насочени во поддршка на здравствениот систем.
„На денешната средба ја искористив приликата, преку министерот Филипче, да изразам огромна благодарност за сите медицински лица вклучени во борбата со COVID-19, која за жал сите ја искусуваме, директно или индиректно. Стопанска банка АД – Скопје како општествено одговорна компанија како и многу пати досега, без исклучок застана на страна на оние на кои им е најпотребна и затоа последните 10 месеци сите наши напори и буџети се насочени во поддршка на здравствениот систем. Со успешно спроведување на процесот на имунизација како и повеќекратната помош досега, ја поттикнуваме оваа благородна активност на грижа, за доброто на сите граѓани. Нашата поддршка ја имате со години наназад и истата ќе продолжи и во иднина“, рече директорот Николетопулос.
Директорот на Здравствен дом Скопје д-р Исјановски информираше дека покрај овој систем на навигација, установата добива и 12 медицински фрижидери.
„Два се веќе инсталирани во Поликлиниката Бит Пазар, се очекуваат уште 10 фрижидери. Нивната намена ќе биде за вакцинирање и за сите овие потреби во овој временски период кои ги имаме. Ги очекуваме и тие 10 фрижидери кои ќе бидат распределени во останатите поликлиники“, истакна д-р Исјановски.
Со оваа донација, Банката во изминатите 10 месеци има донирано повеќе од 220.000 евра во справување со коронавирусот преку опрема и материјали во поддршка за здравствените работници.
/**
*/