Во Специјалната болница за гинекологија и акушерство „Мајка тереза“-Чаир пуштен е во употреба целосно реновираниот ургентен центар опремен по сите европски стандарди. Министерот за здравство, д-р Венко Филипче по тој повод истакна дека во изминатите четири години овде се направени многу значајни инвестиции, а сето тоа врз основа на добро направениот план кој ги опфаќа инвестициите од Министерството за здравство, како и поддршката од донаторите – агенцијата ТИКА, проект ХОПЕ и компанијата Алма М.
-Благодарение на целиот овој координиран систем на донација за надградба на оваа болница и инвестицијата од Министерството за здравство, благодарение на лидерството на директорот, д-р Башким Исмаили, на целокупниот тим којшто тука работи, сега можеме слободно да кажеме дека во болницата во Чаир се целосно реновирани операционите сали, делот за интензивна нега, современ мониторинг за жените коишто се породуваат, целосно реновирани амбуланти со нова опрема и зголемување на степенот на квалитет, којшто се дава во интензивната нега на новороденит, со којшто се подигна нивото на опременост на оваа болница. Болницата е целосно гасифицирана, ги нема веќе оние црни чадови коишто го загадуваа воздухот тука во Скопје, изјави министерот Филипче.
Во Специјалната болницата во Чаир се раѓаат близу 4000 деца, годишно, кои учествуваат исто како и другите институции во намалувањето на новородената, раната неонатална и доенечката смртност. Во изминатите четири години постигнавме многу значајни резултати и процентот на преживување на предвремено родените бебиња значајно се зголеми, односно смртноста во 2016 година која беше 25%, сега е 8,9%. Ова е резултат на инвестицијата во изминатите години во третманот на родилките и на бебињата. Ние сме единствена земја во светот којашто има значајно намалување на вкупната смртност на предвреме родените бебиња и во споредба со 2016 година истата е преполовена.
-Искрено се надевам дека ќе продолжи по овој систем да се инвестира таму кадешто е најпотребно, децата се секогаш таму каде најмногу треба да се унапредува здравствената заштита, потенцираше министерот Филипче во денешната изјава за медиуми по обиколката на Специјалната болница во Чаир.