Министерот за здравство д-р Венко Филипче, во изјава за медиумите информираше дека во крајна фаза се сите административни работи во Агенцијата за лекови во врска со дозволата и сериите за вакцината Астра Зенека која вчера стигна во нашата земја. Вакцините денеска и утре ќе бидат дистрибуирани по градовите, а веќе од среда ќе почне вакцинацијата на граѓаните над 75 годишна возраст. Вакцината е безбедна за граѓаните, апелираше Филипче, а ревакцина за неа ќе биде за три месеци од примањето на првата вакцина.
– 20.000 граѓани коишто се веќе пријавени и се на возраст над 75 години во текот на денешниот и утрешниот ден преку матичните лекари ќе добијат термини согласно местото на живеење, во кој пункт и точно во кое време од среда натаму да се јават на вакцинација. Rазговараме со повеќе институции заинтересирани државни итнституции, постепено се генерираат и други списоци од други извори за понатаму во текот на месецот да бидеме подготвени и за други категории граѓани да се вклучат во процесот на имунизација – изјави Филипче.
Министерот посочи дека во тек е подготовка и на спортскиот центар Борис Трајковски во Скопје, каде би се одвивала масовна вакцинација на граѓаните, овој голем пункт за имунизација треба да се заврши до крајот на неделата, а во текот на месец април се очекува да стигнат вакцини од повеќе места.
-Тука ќе има едно 30-тина позиции, лекари и сестри од Здравствен дом ќе ја спроведуваат вакцинацијата, тогаш кога ќе стигнат и дополнителните количини кои ги очекуваме од Кина, а според најавите од Кинеската амбасада сега тие интензивно работат во делот на обезбедување на точниот датум на транспорт. Компанијата Фајзер конечно го потврди одговорот, се откажаа од тоа како услов за договорот да има специјален компензациски фонд и во петокот стигна потврда дека оваа недела треба да се потпишат договорите со земја членка на ЕУ како трипартитни договори и тоа е повторно со компанијата Фајзер. Значи април ќе биде месец кога очекуваме вакцини да стигнат од повеќе места и навистина после оваа приоритетна група на граѓани над 75 години и други граѓани ќе се повикаат и ќе бидат вакцинирани, изјави министерот.