ФОРМИРАН НАЦИОНАЛЕН ЦЕНТАР ЗА СЛЕДЕЊЕ НА ДОЗИТЕ НА ПАЦИЕНТИТЕ И ОБЕЗБЕДУВАЊЕ КВАЛИТЕТ ВО РАДИОЛОШКАТА ПРАКТИКА

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска присуствуваше на стручен состанок по повод формирање Национален центар за следење на дозите на пациентите и обезбедување квалитет во радиолошката практика.
Основањето на овој центар е резултат на одличната соработка меѓу Институтот за физика при Природно–математичкиот факултет во Скопје и Меѓународната агенција за атомска енергија (МААЕ) од Виена, кој воедно е финансиран од Меѓународната агенција.


-Повеќе од две години напорна работа и голем ангажман од домашни и странски експерти, беа потребни за да се стигне до тоа што денеска го промовираме. Откривањето на ракот на дојката во негова најрана фаза, е еден од најголемите предизвици, особено за радиолозите. Би сакал да напоменам дека овие процедури ќе бидат воведени во сите државни радиолошки одделенија коишто имаат дигитални мамографи, без оглед  дали тие во моментов се дел од скрининг програмата. Со формирањето Национален центар за секојдневно online следење на квалитетот на сликите и дозите на пациентите во мамографските центри одиме уште еден чекор напред во примената на европските стандарди во мамографската практика, посочи министерот во своето поздравно обраќање.

Втор модалитет кааде се воведува online регистрирање на дозите на пациентите е компјутерската томографија, и тоа во сите  државни болници каде што има инсталирани скенери за компјутерска томографија и во двата КТ модула, коишто се дел од скенерите на Институтот за нуклеарна медицина и патофизиологија и на Институтот за позитронска емисиона томографија (ПЕТ Центар). Сето ова ќе придонесе со мерливи параметри и податоци успешно да се менаџира со квалитетот на работниот процес и се унапредува радијациската заштита кај пациентите. Инсталирањето на опремата и софтверот по болниците ќе почне на 10 декември и ќе трае до 24 декември, и истото ќе биде направено од реномирана белгиска компанија. Првите податоци и анализи се очекуваат на крај на месец јануари, следната година.

Сподели на:

Related Posts