ИЗВЕШТАЈ НА ИЈЗ ОД 1 ДО 7 ФЕВРУАРИ, 2021Г: ЗГОЛЕМЕН БРОЈОТ НА ОЗДРАВЕНИ, НОВИ СЛУЧАИ И ПОЧИНАТИ, ПРОЦЕНТОТ НА ПОЗИТИВНОСТ ИДЕНТИЧЕН КАКО ПРЕТХОДНАТА НЕДЕЛА

Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје во периодот од 1 до 7 февруари, тестирани се вкупно 14.398 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со зголемување од 4,8% во однос на минатата недела. Регистрирани сe 2.120 нови позитивни случаи од 34 градови во државата со зголемување од 4,1% во однос на минатата недела.

Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.011; 47,7%), со неделна инциденца – 163,7/100.000. Највисока неделна инциденца од 415,7/100.000 е регистрирана во Демир Капија.Процентот на позитивност се движи од 10,3 до 17,7%, просечно 14,2%, идентично како минатата недела.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група на лица на возраст над 60 (n=568, 26,8%). Голем број на заболени се регистрира и кај лицата во возрасните групи од 30-39 (n=422; 19,9%), 50-59  (n=381; 18,0%), 40-49 (n=358; 16,9%) и 20-29 (n=257; 12,1%). Најмал број е регистриран кај децата од 0-9 (n=40; 1,9%) и 10-19 години (n=94; 4,4%).

По добиени два негативни теста за присуство на SARS-CoV-2 или со употреба на новиот алгоритам, со статус „оздравени“ се стекнале 3.322 лица кои биле хоспитализирани или на домашно лекување, 11,6% повеќе во споредба со минатата недела.

Пријавени се 66 смртни случаи од 21 град, со зголемување од 3,1% во однос на минатата недела. Во однос на возраста, 58 лицa биле над 60 години, 5 лица на возраст од 50-59 години и по едно лице на возраст од 40-49, 30-39 и 20-29 години.

Во текот на минатата недела (01-07.02.2021), до ИЈЗ се пријавени 649 материјали кои биле секвенционирани за присуство на “британскиот” сој на SARS-CoV-2 од три лаборатории (ИЈЗ, Жан Митрев и МАНУ). Од секвенционираните, 56 се позитивни за присуство на новиот сој на SARS-CoV-2. Од овие резултати е забележано дека “британскиот” сој на SARS-CoV-2 е присутен во осум градови, а најголем број случаи се откриени во Охрид (n=25), Прилеп (n=10) и Кавадарци (n=4).

Согласно анализите од МАНУ, во последниот период се детектирани поголем број на нови варијанти, кои претходно не беа присутни кај пациентите во нашата држава, што може да укажува на континуиран внес на нови случаи на COVID-19 од странство.

Деталниот извештај на Институтот за јавно здравје за состојбата со Ковид-19 за периодот од 1 до 7 февруари 2021 година, како и кумулативната состојба со Ковид-19 во Република Северна Македонија се објавува на веб страницата на Институтот за јавно здравје: http://iph.mk/.

Сподели на:

Related Posts