МАКЕДОНСКОТО ЈАВНО ЗДРАВСТВО НА МАПАТА НА СВЕТСКИ МЕДИЦИНСКИ ЦЕНТРИ ЗА ЛЕКУВАЊЕ НАЈТЕШКИ ЗАБОЛУВАЊА НА КРВТА

– Во текот на минатата недела е извршена првата трансплантација на коскена срцевина од несроден дарител во Македонија, за која досега пациентите беа упатувани во странство.

Од денеска, лекувањето на тешки малигни заболувања на крвта се врши по еднакви процедури, како во кој било светски или европски современ центар, таа е веќе редовно достапна за сите пациенти во нашата држава. Со ова нашата држава стана дел од Европскиот регистар, а воедно се овозможува голема заштеда на средства, кои остануваат во здравствениот систем, истакна министерот за здравство, д-р Венко Филипше на денешната прес конференција во Министерството за здравство.

Министерот потенцираше дека е реализирано ветувањето за инвестиција на Клиниката за хематологија, а воедно истакна дека продолжуваат инвестициите во инфраструктура во јавноздравствениот систем.

Министерството за здравство и во иднина продолжува да дава поддршка на сите вакви проекти, кои значително го подигнуваат квалитетот во функционирањето на здравствените установи, посочи министерот Филипче.

Директорот на Фондот за здравствено осигурување, Ден Дончев посочи дека пациентите нема потреба повеќе да патуваат во странство и да плаќаат огромни финансиски средства за лекување ваков тип на болести.
За операција на коскена срцевина, која е една од најскапите интервенции, досега се одвојувале по 110.000 евра – 120.000 евра, а во некои случаи и до 250.000 евра, во зависност од земјата и видот на самата интервенција.

Д-р Ирина Пановска Ставридис, директорка на Универзитетската клиника за хематологија истакна дека ова е висок професионален дострел на хематолозите, со кој се испишува нова страница на македонската медицина.
– Првпат во Република Македонија направивме трансплантација на матични клетки од несроден донор кај пациентот Филип Димишковски (22), кој боледуваше од акутна миелобластна леукемија, и кој со ова влезе во историјата на македонската медицина. Остваруваме сон на многу генерации хематолози. Покрај 18 години примена на сродна трансплантација, од денеска се врши и несродна трансплантација на матични хематопоетски клетки. Станува збор за сложена биолошка процедура, со која се лекуваат најтешките заболувања на крвта, а сега се отвора можност покрај домашните, да се лекуваат и странски пациенти на Клиниката за хематологија, посочи д-р Пановска Ставридис.

Првиот трансплантиран пациент со оваа интервенција, Филип, во видео пораката упатена до јавноста го раскажа своето искуство, со цел неговата приказна да ги охрабри сите останати пациенти кои имаат потреба од ваков вид здравствена услуга.

 

Сподели на:

Related Posts