Заменик министерката за здравство д-р Маја Манолева беше во работна посета на Општа болница Велес, каде се сретна со менаџментот на установата во однос на реализираните активности во изминатите години.
Манолева, потенцираше дека велешката болница покажала како треба да работи една јавноздравствена установа.
-Велешката болница во изминатите пет години инвестираше во нова опрема и кадар, како и во подобрување на инфраструктурата. За овие неколку години, се набавија фибер ендоскоп, апарат за анестезија, рендген апарат, видео колоноскоп, ултразвучен колор доплер апарат за кардиолошки прегледи, како и ултразвучен ехо апарат, колор доплер апарат за гинекологија и обстетриција. Исто така, установата се зајакна и со санитетско возило Фолксваген, респиратор, телескоп, уретро-реноскоп, батериски борер за одделот по урологија, рече Манолева.
Покрај обезбедувањето нова медицинска опрема, основан е кабинет за дојка, а кабинетот за компјутерска томографија почна со континуирана работа, каде се пуштени максимален број прегледи со 24 часовна покриеност од докторите во Скопје.
-Првпат тука се воведе нова метода на одделот за ортопедија, каде успешно се изведуваат ендопротетски операции. Како што ме информираше директорот, во план е воведување очно одделение за операција на катаракта со ФАКО метода, како и отворање ургентна единица каде ќе се згрижуваат сите пациенти на место. Реализирани се 63 вработувања на неопределено време со што се унапредија условите за третман на пациентите. Верувам дека со истото темпо продолжуваат и во следниот период, ја имаат поддршката од Министерството за здравство, изјави Манолева.