Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче и државниот секретар во Министерството за здравство, д-р Владимир Милошев, денеска остварија средба со Здружението на пензионери од Штип, на која дискутираа за мерките што ги имплементира ресорното Министерство.
-Граѓаните веќе четврти месец имаат достапни лекови во секое време. Со укинувањето на квотите за лекови на рецепт, сега пациентите можат во кој било период од месецот да ја земат својата терапија. Граѓаните се навистина задоволни, решивме долгогодишен проблем, изјави министерот Филипче.
На средбата, министерот Филипче потенцираше дека како никогаш досега се инвестира во човечкиот капитал.
-Преку зголемување на платите ги мотивираме здравствените работници да останат и да работат во јавното здравство. Се грижиме тие да имаат достоинствени услови за работа, рече министерот Филипче.
Лицата над 65-годишна возраст имаат бесплатна вакцинација против сезонски грип.
-Воведовме бесплатна вакцинација против сезонски грип за лица над 65-годишна возраст. Исто така, овозможивме и бесплатно болничко лекување без наплата на партиципација за пензионери со пензија пониска од просечната во земјава. Се грижиме за здравјето на пензионерите, тие се нашиот врвен приоритет, истакна државниот секретар Милошев.