МИНИСТЕРОТ ФИЛИПЧЕ: ОДЛИЧНО ФУНКЦИОНИРА ПАТРОНАЖНАТА СЛУЖБА ВО КОЧАНИ, ПОСЕТЕНИ ПОВЕЌЕ ОД 1300 ДОМАЌИНСТВА

Мобилниот сервис за здравствени и социјални услуги, кој минатата година почна да се имплементира во општина Кочани ја постигна целта.

При денешната посета на министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче во Општата болница со проширена дејност Кочани, изјави дека со овој сервис се зајакнаа интегрираните услуги за нега и заштита на населението од здравствен и социјален аспект.

„Ги зајакнавме интегрираните услуги за нега и заштита на населението од здравствен и социјален аспект во Кочани, а исто така ја постигнавме и специфичната цел која се однесува на идентификација на базата на податоци на локалното население за пациенти со кардиоваскуларни проблеми, дијабетес кај стари и изнемоштени лица и лица од социјален ризик. Здравствените услуги ги доближивме поблиску до граѓаните“, потенцираше министерот Филипче.

Во период од една година услугите ги искористиле повеќе од 1600 пациенти во опфатеност од 28 населени места и градот Кочани.

„Пациентите се навистина задоволни, бидејќи организиран и стручен тим од медицински сестри, социјални работици и координатор социолог оди на терен, во домовите на пациентите и се грижи за нив. Процентуалната опфатеност на селата е 62% и во градот 38%. Вкупниот број на домаќинства кај кои е направена прва посета изнесува 1303“, рече директорот Александар Серафимов.

Придобивка од овој интегриран сервис е информираноста и свесноста на населението за своето здравје, обезбедувањето на здравствена заштита на лица кои немале одбрано матичен лекар, покривање со здравствени услуги на пациенти кои доаѓаат од рурални средини.

За потсетување, Светската здравствена организација ги оцени интегрираните услуги за домашна нега на Министерството за здравство како одлична мерка за поттикнување на унапредувањето на здравствените услуги кај граѓаните.

Во месец ноември, 134 медицински сестри почнаа со работа во траење од шест месеци во службите на патронажна дејност во здравствените домови и општи болници во земјава.

Сподели на:

Related Posts