Министерството за здравство е целосно посветено на обезбедување квалитетен третман на сите пациенти со дијабетес мелитус. Сите лица на инсулинска терапија се соодветно снабдени со инсулин, односно има доволно количини од сите видови инсулин, посочи државниот секретар, д-р Владимир Милошев на денешниот настан по повод Светски ден на дијабетесот 14 ноември, кој годинава се одбележува под мотото „Семејството и дијабетесот“, во организација на Клиниката за ендокринологија и Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија.
Како посебно значајна новина, тој го посочи воведувањето три нови типови инсулин, кои се најнова генерација на лекови, од кои еден е наменет за децата-тресиба. Во Македонија има регистрирани 500 дечиња помлади од 14 години кои имаат дијабетес. Како следен чекор на кој сме посветени е потребата од обезбедување сензорни мерачи за континуирано мерење гликемија во крвта, што ќе биде посебно олеснување за децата и бремените жени кои имаат гестациски дијабетес, посочи д-р Милошев.
Тој, меѓу другото истакна дека Министерството за здравство, и во иднина продолжува со активностите за подигнување на јавната свест, преку едукација, трибини и обезбедување најдобри и најсовремени терапии за пациентите со дијабетес, што го реализираме во соработка со Клиниката за ендокринологија и Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, како и останатите граѓански организации, со кои заедно работиме на подобрување на условите и квалитетот на животот на лицата со дијабетес во нашата држава.