ОБЕЗБЕДЕНИ 31 ЕДИНИЦА КОНВАЛЕСЦЕНТНА ПЛАЗМА ЗА ТРЕТМАН НА ПАЦИЕНТИ СО КОВИД-19

Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека се обезбедени 31 единица конвалесцентна плазма за третман на 31 пациент со ковид-19. Од нив, 16 се преку постапка плазмафереза и 15 единици преку стандардно дарување крв.

-Во оваа установа е изготвен и протокол за дарување плазма. Сакам да изразам искрена благодарност кон хуманите дарители кои секојдневно се пријавуваат преку електронскиот формулар на веб-страницата на Институтот или со директно јавување, а во последно време и преку социјалните мрежи, само да даруваат и да помнат на пациентите. Овој здравствен предизвик нѐ сплоти и соедини за да го победиме вирусот. Министерството за здравство следејќи ги најновите достигнувања на третман на пациенти со Ковид-19 даде согласност за воведување на протоколот за дарување конвалесцентна плазма и секојдневно ја поддржува кампањата за дарување плазма, изјави директорот на Институтот, д-р Седула Усеини.

Дарител може да биде секое лице излекувано од коронавирус, кое ги исполнува условите за дарување плазма наведени во протоколот. Лицето треба да има документиран лабораториски доказ дека било болно од Ковид-19, да има два негативни теста во рок од 24 часа, да биде минимум 21 ден без симптоми, по што се прави дополнителен тест (трет) за да се потврди дека нема присуство на вирусот, како и машки дарители или женски дарители, кои не раѓале или се негативни на HLA антитела. Исто така, ќе биде земен и примерок за одредување концентрација и/или титар на неутрализирачки антитела Anti-SARS-CoV-2.

Постапката за дарување плазма се вика плазмафереза и се изведува со високософистициран клеточен сепаратор. Постапката трае од 40 до 60 минути и се издвојува од 300 до 600 мл плазма, а останатите компонетни се враќаат на донорот. Плазмата која е дарувана е течниот дел на крвта кој брзо се надополнува. Дарител може да биде лице на возраст од 18 до 60 години, со телесна тежина поголема од 60 килограми и кое ги исполнува наведените критериуми.

Конвалесцентната плазма содржи антитела против овој вирус создадени од човечкиот организам за сузбивање на болеста. Тие создадени антитела се присутни во плазмата и тие со дарување конвалесцентна плазма може да се користат во сузбивање на болеста во друго лице со Ковид-19.

Да даруваме крвна плазма. Да бидеме хумани и да спасиме човечки животи.

Формулар за донор на COVID-19 ковалесцентна плазма: http://itm.org.mk/%d0%b4%d0%b0-%d0%b3%d0%be-%d0%bf%d0%be%d0%b1%d0%b5%d0%b4%d0%b8%d0%bc%d0%b5-covid-19-%d0%b4%d0%b0%d1%80%d1%83%d0%b2%d0%b0%d1%98-%d0%bf%d0%bb%d0%b0%d0%b7%d0%bc%d0%b0-%d1%81%d0%bf%d0%b0%d1%81%d0%b8/

Сподели на:

Related Posts