ОДБЕЛЕЖАН СВЕТСКИ ДЕН НА ХЕМОФИЛИЈА – ИЗГОТВЕНА НАЦИОНАЛНА СТРАТЕГИЈА И ОБЕЗБЕДЕНИ НОВИ СОВРЕМЕНИ ФАКТОРИ ЗА КОАГУЛАЦИЈА

Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче денеска учествуваше на одбележувањето Светски ден на хемофилија за подигнување на свесноста за вродени  нарушувања во системот за коагулација. Во рамки на настанот, министерот ги презентираше континуираните напори на Министерството за здравство, за препознавање и подобра дијагностика на пациентите со хемофилија. Според податоците добиени од регистарот од Центарот за хемофилија при Институтот за трансфузиона медицина, вкупно се регистрирани 320 пациенти со хемофилија и останати вродени нарушувања на системот на коагулација, од нив 46 се деца (22 со хемофилија А и 24 со хемофилија Б).

-Министерството за здравство, во соработка со Владата на Северна Македонија иницираше промени во законот за јавни набавки, со кои место цената, која досега беше единствен одлучувачки фактор во спроведување на јавните набавки, сега  клучни критериуми за селекција се квалитетот и безбедноста на продуктите. Исто така, минатата година беше спроведен национален тендер за концентрати на фактори на коагулација. Во постапката беа вклучени клиничари во областа на хемофилијата и национални претставници на пациентите со хемофилија, рече министерот Филипче.

Стратешка цел е постепено воведување рекомбинантни фактори и профилакса со нова иновативна терапија, со што драстично би се намалил бројот на крварења и компликации, како и долгорочен план за воведување генска терапија. Исто така, посебно значајна е  изработката на 10 годишна национална стратегија за хемофилија и останати вродени нарушувања на системот за коагулација во Република Северна Македонија. Стратегијата има за цел да воспостави долгорочна стратегија за справување со оваа група нарушувања, низ рана дијагностика, редовна контрола, терапија на пациентите, превенција, како и третман при компликации.

-Со нејзина имплементација ќе го подобриме квалитетот на живот кај лицата со вродени нарушувања на системот за коагулација, а истовремено ќе го подигнеме нивото на ефикасност и финансиска исплатливост на здравствениот систем, посочи министерот Филипче.

Сподели на:

Related Posts