По повод одбележување на Светската недела за рационална употреба на антибиотици, се одржа состанок на националната мрежа за следење на антимикробната резистенција, во организација на Мултисекторската комисија за контрола на антимикробна резистенција при Министерство за здравство.
-Податоците покажуваат дека во светски рамки, вклучително и во нашата држава, отпорноста на бактериите кон антибиотиците е растечка закана за глобалното здравје. Секоја година дури 700 илјади лица во светот умираат од инфекции предизвикани од бактерии отпорни на антибиотици. Само во Европа околу 33 илјади лица умираат од оваа инфекција, а проблемот не ја надминува ниту нашата држава. Тоа значи дека не сме во зелената фаза, туку влеговме во портокаловата фаза на картата на Европа, како држава во која се зголемува бројот на заболени од инфекција, истакна денеска Голубинка Бошевска, национален координатор за антимикробна резистенција, на одбележувањето на Светската недела за рационална употреба на антибиотици, во организација на Мултисекторската комисија за контрола на антимикробна резистенција при Министерството за здравство .
Во Европа, како и во нашата земја, се зголемува отпорноста на клепсиелата, бактерија која што е мултирезистентна, а бактериите стануваат отпорни и кон последните генерации на антибиотици, како што се карбопенемите. Според податоците од Институтот за јавно здравје, во 2018 година е евидентирана повисока од 50-процентна комбинирана резистенција на некои бактерии кон повеќе видови антибиотици.
Во насока на подигнување на свесноста во оваа област, Владата на Република Северна Македонија, минатиот месец ја усвои втората Национална стратегија со акциски план за контрола на антимикробната резистенција 2019-2023. Стратешките цели опфаќаат зајакнување на следењето на резистенцијата на микроорганизмите кон антимикробните средства во хуманата и ветеринарната медицина, континуирано следење на потрошувачката на антимикробни лекови во хуманата и ветеринарната медицина, спречување и намалување на појава и контрола на ширењето на инфекции, подигнување на свесноста и разбирањето на антимикробната резистенција кај сите лица кои ги пропишуваат, издаваат и примаат антибиотиците, како и соработка со релевантни меѓународни институции од областа.