ОФИЦИЈАЛНА ПОСЕТА ВО СОФИЈА, НА НЕФОРМАЛНА МИНИСТЕРСКА СРЕДБА НА МИНИСТРИ ЗА ЗДРАВСТВО ОД ЕУ

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче престојува на официјална посета во Софија, Република Бугарија, каде учествува на неформална министерска средба на министрите за здравство од Европска Унија, на покана од бугарскиот министер за здравство, Кирил Ананиев. 

Ова е прва ваква покана, како и присуство на министер за здравство од Република Македонија на состанок со министрите за здравство од Европска Унија. Можноста за размена на добри практики со земјите на ЕУ се од голема важност за нашата земја. Бугарија како земја домаќин и претседавач со Советот на ЕУ ја организира оваа средба која вклучува дискусија за Здрава исхрана за децата – Здрава иднина на Европа и Здравјето како вистински победник: ефикасност, достапност и пристапност на лековите.

Министерот за здравство на Бугарија, Ананиев, истакна дека лошата исхрана и слабата физичка активност се најголеми ризик фактори кои придонесуваат за зголемена телесна тежина и дебелина во Европа. Европскиот регион е погоден од незаразни болести како дијабетес тип 2, хипертензија и кардиоваскуларни заболувања кои се директно поврзани со лоша исхрана и физичка неактивност.

Зголемената телесна тежина и дебелината кај децата се сериозен јавноздравствен проблем. Заеднички градејќи добри практики и обезбедувајќи опциите за здрава храна да се лесно достапни и пристапни, како и со подобрување на практикувањето на физичка активност кај децата, можеме да обезбедиме здрава иднина за нашите деца, истакна европскиот комесар за здравство и безбедност на храна, д-р Витенис Андриукаитис.

Шефот на Европската канцеларија на СЗО за превенција и контрола на незаразните болести, д-р Јоао Бреда, ја презентираше Регулативата која вклучува обврска за етикетирање на алкохолните пијалаци, односно обезбедување листа на состојки и нутритивните вредности на нив, со што ќе им се овозможи на потрошувачите да имаат информирани избори за продуктите кои ги купуваат.

На неформалниот состанок, исто така, ќе се разговара за фармацевтските политики, со фокус на ефикасноста, достапноста и пристапноста на лековите, вклучително и во контекст на финансиската одржливост на здравствените системи.

Министерот за здравство, д-р Венко Филипче, покрај учество на состанокот, ќе оствари повеќе средби со министрите за здравство од европските земји, како и со европскиот комесар за здравство и безбедност на храна, д-р Витенис Андриукаитис.

На средбите ќе бидат разменети мислења за иднината на здравствената заштита во Европа, можноста на Република Македонија како земја членка кандидат во Европска Унија да соработува со земјите членки во ЕУ во делот на едукација, спречување и контрола на незаразни болести поврзани со исхраната во целиот европски регион и подобрување на политиките за лекови усогласувајќи ги со европските политики.

 

 

Сподели на:

Related Posts