Министерот за здравство, доц. д-р Венко Филипче, денеска ја посети Општата болница во Охрид, каде оствари средба со директорот и вработените во оваа јавноздравствена установа, истакнувајќи ја експертизата и искуството на медицинскиот персонал во многу области и нивниот успех во третманот на огромен број пациенти во сите изминати години.
-Болницата во Охрид е еден од регионалните центри. Уште на самиот почеток се одвои еден дел од болницата, но и експерти, специјалисти, инфектолози кои ќе работат со ковид пациенти. Имаме секојдневна комуникација, во однос на трансферот и префрлувањето на пациентите по потреба од една во друга болничка установа, како и трансфер на пациенти во клиниките во Скопје, се разбира за потешките случаи. Сакам да им изразам голема благодарност и да упатам честитки, пред се за брзото престројување за време на почетокот на оваа криза, нешто за што ниту еден здравствен систем во светот не очекувал, не бил подготвен дека ќе се случи. Ние покажавме дека можеме за многу кратко време со таква прераспределба на кадар и подготовка на капацитетите на болницата да одговориме на овие предизвици, изјави министерот Филипче.
Филипче потенцираше дека во изминатите две години, кадарот во болницата е зајакнат со нови вработувања, примени се над 70 здравствени работници, од кои 17 лекари се веќе пратени на специјализација.
-Ние интензивно работевме изминатите две години, многу луѓе се примија во болницата во Охрид. Над 70 здравствени работници, од кои 17 лекари кои се веќе пратени на специјализација. Со тоа покажавме дека водиме сметка за јавното здравство, пред сѐ за еден од најзначајни сегменти во јавното здравство, а тоа се луѓето, докторите, медицинските сестри и останатиот помошен медицински персонал. Тие се столбот на здравствениот систем, а здравствениот систем, како и досега, но сега е уште повеќе видливо е столбот на државата, изјави министерот Филипче.