ОПШТАТА БОЛНИЦА ОХРИД ДОБИ ДОНАЦИЈА СПЕЦИЈАЛИЗИРАНО АМБУЛАНТНО ВОЗИЛО

Општата болница Охрид денеска доби донација – специјализирано амбулантно возило. Станува збор за донација обезбедена со проект и организациска поддршка од Руски транс ДОО Охрид и Здружение за еднаква застапеност на лица со посебни потреби во медиумите СОС-Балканмедиа.

Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче се заблагодари и истакна дека со оваа донација Општата болница Охрид ги зајакнува капацитетите и ги подобрува здравствените услови и услуги. 

„Голема благодарност до донаторите за амбулантното возило, кои со личен пример покажуваат дека се општествено одговорни. Помошта е секогаш добредојдена, особено кога е во прашање здравјето на нашите граѓани“, истакна министерот Филипче.

Вкупната вредност на специјалното амбулантно возило изнесува 40,000 евра.

Директорката на Општа болница Охрид, д-р Славица Малеска-Стојадиновиќ потенцираше дека ова е вредна донација, која за пациентите ќе значи брз и сигурен превоз до соодветното одделение или центар, а притоа уште во самото возило да биде дадена соодветната помош.

„Сакам да изразам благодарност до донаторите во име на ЈЗУ Општа болница Охрид која заради тешката финансиска состојба не може да си дозволи ваква набавка. Овој чин е од големо значење за Охрид како туристички центар, но и како регионален центар во областа на здравството“, рече директорката Малеска-Стојадиновиќ.

Во 2018 година во Општата болница Охрид се реализирани 45 нови вработувања.

Министерот Филипче ги посети и пациентите кои се лекуваат во оваа болница и ги разгледа реновираните оддели.

Сподели на:

Related Posts