ПАТРОНАЖНИТЕ СЕСТРИ СЕ КЛУЧНИ – ПРЕКУ ОБУКИ И ЈАВНИ ПОВИЦИ ЗА РАБОТА ГО ЗАЈАКНУВАМЕ НИВНИОТ ПОТЕНЦИЈАЛ ЗА ПОДОБРА ИДЕНТИФИКАЦИЈА, ПРЕВЕНЦИЈА И ПОДОБРУВАЊЕ НА ЗДРАВЈЕТО НА НАСЕЛЕНИЕТО

Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки со поддршка од Министерството за здравство и УНИЦЕФ, денеска, одржаа работен состанок на кој патронажните сестри, директори на здравствени домови, претставници на Министерството и здравствени експерти дисктутираа како целосно да се искористи потенцијалот на патронажните сестри за подобра идентификација, превенција и подобрување на здравјето на населението.

Патронажните сестри се клучни, затоа што тие работат во заедницата, со семејствата, со поединецот. Тие одат на терен, во домовите на пациентите од социјален ризик, со маргинализирани групи и тешко подвижни пациенти и се грижат за нивното здравје. Поддршка добиваат и бремените жени, мајките и новороденчињата. Преку патронажните сервиси ги доближуваме здравствените услуги поблиску до граѓаните.

Министерството за здравство ги зајакнува службите за патронажна дејност во рамки на здравствените домови и општите болници со проширена дејност. За таа цел, Министерството објави јавен повик за интерес за работа во службите на патронажната дејност за медицински сестри, во времетраење од шест месеци.

Исто така, во април се спроведе обука на медицинските сестри за унапредување на здравствените услуги преку јакнење на капацитетите на патронажни сестри.

Очекуваме дека овие услуги ќе придонесат и за намалување на бројот на хоспитализации и здравствени компликации и ќе се придонесе кон подобрување на достапноста и квалитетот на здравствена грижа.

Минатата година, Кочани и Ресен почнаа со имплементација на моделот интегрирана здравствена и социјална заштита, а од месец јули во Галичник почна со работа летната патронажна медицинска служба.

Светската здравствена организација ги оцени интегрираните услуги за домашна нега на Министерството за здравство како одлична мерка за поттикнување на унапредувањето на здравствените услуги кај граѓаните.

Сподели на:

Related Posts