Министерот за здравство, Венко Филипче се обрати на отворањето на Петтиот конгрес на Македонското здружение на трансфузиолози со меѓународно учество, поддржан од Интернационалнато здружение на трансфузиолози и Европската асоцијација за технолошка индустрија, која вклучува дијагностика, медицинска опрема и дигитално здравје.
-Трансфузиолошката дејност има голем општествен интерес за нашата држава, тоа е стратешка дејност која обезбедува доволен број сигурна крв од доброволни, анонимни и неплатени крводарители. Последните години се развиваат и посебните видови крводарувања, како што е тромбоцитоферезата.
Министерството за здравство, секоја година изготвува и посебна Програма за организирање и унапредување на крводарителството во државава. Оваа година, програмата изнесува вкупно 25 милиони денари, и е зголемена за 10 милиони денари, во однос на минатата година. Во рамки на оваа програма се опфатени активности за континуирана здравствено-воспитна и мотивациска работа меѓу населението, посочи министерот Филипче.
Тој истакна дека Институтот за трансфузиона медицина е позитивен пример за работа на јавна здравствена установа, каде во континуитет се вложува во унапредување на условите за работа, во современа апаратура, како и едукација на високо квалификуваниот медицински кадар. Минатиот месец е извршено реновирање на одделот за продукција, просториите за процесирање на дарувана крв, чување свежо смрзната плазма, интермедиерниот простор, а обезбедени се и нови комбиња, фрижидери и апарат за харвестрација на матични клетки. Сето ова е во рамки на активностите за имплементацијата на планот за унапредување и стандардизација на Институтот за трансфузиона медицина, соодветно на препораките и стандардите на Европската унија.
Институтот за трансфузиона медицина во Скопје е најголема трансфузиолошка единица, кој располага со најголемите резерви на крвни компоненти, кои бараат соодветни услови за чување, обезбедени преку апарати приклучени на електрична енергија. За нивно одржување, Институтот доби агрегат како донација и со тоа е загарантирано непреченото снабдување со електрична енергија и во екстремни ситуации. За таа цел, во сите центри и служби за трансфузиона медицина се спроведе информатички систем E-Delphin и се обезбеди хардверска поддршка за користење на овој информатички систем при процесот на работа во Институтот за трансфузиона медицина.
Во Институтот за трансфузиона медицина се наоѓа Центарот за колекционирање на хематопоетски матични клетки од периферна крв. За да се добијат овие матични клетки потребна е високо софистицирана опрема, но и големо познавање на лекарот и средно медицинскиот персонал. Тоа е експертска дејност од големо значење за нашата држава со што се прават големи заштеди во буџетот на РСМ, бидејќи трансплантациите на матичните клетки се едни од најскапите во светот.
-Уверен сум дека Петтиот конгрес на Македонското здружение на трансфузиолози ќе придонесе за подобрување на вештините и воведување нови техники и технологии во областа на крводарување, имунохематологија, крвни компоненти, клеточната терапија и трансплантациона медицина, како и воопшто за подобрување на сигурноста на крв и контрола на квалитетот во трансфузионата медицина, потенцираше во своето обраќање министерот Филипче.