Администрацијата и помошно-техничкиот персонал во здравствениот сектор се дел од целокупната јавна администрација. Министерство за здравство иницираше состаноци за проверка на можноста за изземање на здравствената администрација од останатата за што досега се остварени неколку средби, но потенцираме дека за ова се потребни законски измени. Разговорите на оваа тема продолжуваат и следната година, но до тогаш покачувањето на нивните плати зависи од средствата за зголемување на платите и на останататите административци.
Потсетуваме дека во изминатиот период, платите на сите вработените во администрацијата во здравство во два наврати, се зголемија за 5% односно кумулативно 10%. И тоа, во септември 2018 година, кога на вкупно 19.123 вработени во јавно-здравствените установи им се зголеми основицата на плата за 5% и уште 5% во септември 2019.
Министерството за здравство се залага за покачување на плати. Од септември 2018 година во континуитет почнаа да се зголемуваат платите на сите здравствени работници. Со предвиденото зголемување на платите во февруари 2020 година, вкупно основната плата на лекарот специјалист се зголемува за 40%, на медицинските сестри помеѓу 20% и 23%, на општите лекари за 25% и на здравствените соработници за 15%.