Министерот за здравство доц. д-р Венко Филипче, денеска се обрати на вториот по ред „Dementia Master Class“ – настан од серијата едукативни состаноци кои се одржуваат во земјите на Западен Балкан, со цел вмрежување и размена на искуства меѓу експерти од регионот и локални професионалци, вклучени во третманот и грижата на лицата со деменција.
Во своето обраќање, министерот Филипче потенцираше дека деменцијата не претставува само проблем на индивидуата, туку на цела социјална група, на пример на брачната двојка или на семејството, така што справувањето со деменцијата е предизвик на сите засегнати страни.
„Заштитата и унапредувањето на здравјето на граѓаните во нашата држава е приоритет на Владата и Министерството за здравство. Посебен фокус е ставен кон подобрување на условите за лекување за сите пациенти, а посебно на третманот на постарите лица, имајќи предвид дека е во подем бројот на лица со Алцхајмеровата болест, како најчест и најголем социо-медицински проблем и предизвик. Населението старее, животниот век е продолжен, а со тоа бројот на заболени од Алцхајмерова деменција бргу расте. Статистиката покажува дека на секои 3 секунди, во светотот има 1 нов заболен од Алцхајмерова болест. Денес во светот има околу 47 милиони заболени, а до 2050 година се очекува овој број да достигне 135 милиони, поради што деменцијата ја нарекуваат епидемија на 21 век“, изјави министерот Филипче.
Според светската статистика, во нашата земја се претпоставува дека има околу 20 илјади лица со Алцхајмерова деменција. Дополнително, околу 400 илјади луѓе од населението во земјава се на возраст од 65 години или повеќе, и може да се сметаат за потенцијални пациенти со ваква дијагноза. Инаку, лекувањето на овие пациенти во нашата држава се одвива по веќе утврдени стандарди и соодветни протоколи, кои обезбедуваат соодветна грижа и нега.
На клиниката за неврологија во Скопје постои софтверски систем (Hospital information System) каде меѓу другите невролошки заболувања, се евидентираат и се следат пациентите со деменции, вклучувајќи ги и тие со Алцхајмеровата болест.
„Подигнувањето на свесноста за деменцијата во јавноста е клучно за рана дијагноза, а воедно за справување со предрасудите и стигмата кон оваа категорија лица. Токму затоа, од суштинско значење е заеднички да работиме на подигнување на јавната и професионалната свест за постоењето на болеста, а паралелно со тоа и на усовршување на дијагностиката, третманот, како и социјалната грижа и реинтеграција на болните и нивните семејства“, рече министерот Филипче и додаде дека како и досега, и натаму ќе останеме отворени за соработка со стручните и граѓанските здруженија, кои работат во областа на деменцијата и со заемна поддршка можеме да ги детектираме и соодветно да одговориме на предизвиците за подобрување на лекувањето и социјалната интеграција на пациентите кои се борат со оваа болест.