Заедничко имплементирање на мерките за унапредување на здравјето на мајките и на новороденчињата и придонес за намалување на нивната смртност, овозможува Договорот, кој денеска во Владата го потпишаа министерот за здравство Венко Филипче и директорката за население на ОН (УНФПА) за Македонија Доина Болога.
Со Договорот се обезбедуваат вкупно пет милиони денари. Половина од нив обезбедува Владата, додека другата половина УНФПА.
Договорот предвидува до крајот на годината да се реализираат повеќе активности: спроведување обуки во двете родилишта, кои покриваат најголем процент од породувањата во државата, примена на практики согласно последните стандарди на СЗО за грижа на мајките и на новороденчињата, обука од искусни консултанти на СЗО во текот на примената на практиките за унапредување на здравјето на мајките и бебињата, финализирање и имплементација на стандардите за гинекологија и акушерство во одредени болници.
Договорот е усогласен со Програмата на УНФПА за Македонија за периодот 2016-2020, како и со едно од приоритетните национални прашања.