Предлог закон за слободни здравствени зони

Со Предлог законот за слободните здравствени зони се уредуваат условите, начинот и постапката за основање, развој и работење на слободните здравствени зони, како и дејностите кои се вршат во слободните здравствени зони (здравствената и високообразовната дејност) и посебните услови за нивно вршење. Воедно, со овој предлог закон јасно ги утврдуваме  можностите, поволностите и придобивките од основање на здравствени и високообразовни установи од областа на медицината во рамки на слободната здравствена зона.

Целта на овој предлог закон е со формирањето на слободните здравствени зони да се овозможи развој на здравствениот туризам, привлекување на странски капитал за воведување на нови здравствени методи и постапки, трансфер на know how и технологија, зголемување на конкурентноста и на вработувањето, како и зголемување на квалитетот на високообразовната понуда од областа на медицината.

Во однос на бенефитите кои се овозможуваат за корисниците на зоната, сакам да ја истакнам државната помош, која се доделува во облик на регионална помош и изнесува најмногу до 50% од оправданите инвестициски трошоци или од трошоците за плата за новоотворени работни места за период од две години.

Исто така, за корисниците на слободната здравствена зона предвидуваме значајни даночни и царински ослободувања, според следниот принцип: данок на добивка во период од 10 години, и персонален данок на доход на примањата по основ на платите на вработените лица, за период од 10 години (од денот на започнување на вршење на здравствената дејност, односно од денот на исплата на првата плата на вработените).

Во рамки на даночните олеснувања, корисникот на зоната се ослободува од плаќање данок на додадена вредност и царински давачки, при увоз на медицинска опрема, лекови, медицински потрошен материјал и медицински помагала, при увоз на добрата наменети за изградба на градежен објект, електрична енергија, возила на итна медицинска помош и специјално опремени возила.
Споменатите услови важат доколку наведените добра се увезени од страна на корисник на зоната заради вршење на здравствена дејност или високообразовна дејност од областа на медицината.

Целта е во слободните здравствени зони да поттикнеме вршење и на високообразовна дејност од областа на медицинските науки, паралелно со вршење на здравствената дејност. За таа цел, корисникот на зоната подлежи на ослободувања и враќањето на данокот на додадена вредност, увозните давачки и акциза за период од 15 години доколку во зоната истиот корисник врши истовремено и здравствена дејност и високообразовна дејност од областа на медицината.

Исто така, на корисникот на зоната кој обезбедува нови вработувања предвидуваме доделување помош за обука, и тоа за: посебна обука за стекнување на теоретско и практично знаење применливо за работните места на установата којашто е корисник на зоната, или општа обука за стекнување на теоретско и практично знаење применливо за работните места на установата корисник на зоната, но и за работни места во други установи. Помош за обука може да биде доделена на корисникот на зоната во висина до 60% од оправданите трошоци во случај на општа обука и во износ до 25% од оправданите трошоци во случај на посебна обука.

За корисниците на зоната предвидовме и поволности за уредување на градежно земјиште, со тоа што корисникот е ослободен од плаќање надоместок за уредување на земјиштето. Земјиштето во рамки на слободната здравствена зона ќе може да се продава или да се дава под закуп, во зависност од изборот на корисникот. Исто така, Владата на РМ може да учествува во трошоците за изградба на градежен објект за корисник на зоната во висина најмногу до 500.000 евра во денарска противвредност, во зависност од висината на инвестиционите вложувања на корисникот и бројот на предвидените нови вработувања.

Покрај сите наведени поволности и погодности наменети за корисниците на слободната здравствена зона, очекуваме и соодветен фидбек од страна на корисниците, особено што со договорот за вршење здравствена дејност (а воедно и како услов за користење на државна помош) се обврзуваат да воведат нови здравствени методи или постапки за превенција, дијагностика и лекување на болестите кои дотогаш не се користеле во Република Македонија. Исто така, доколку корисникот го раскине договорот за користење на зоната пред истекот на периодот од 10 години, ќе ги плати данокот на добивка, персонален данок на доход на примањата по основ на платите на вработените лица, данокот на додадена вредност, увозните давачки и акцизата за кои остварил право на даночно ослободување.

Здравствените услуги во зоната нема да бидат достапни за граѓаните на Република Македонија и на Косово, во првите 10 години од отворањето на здравствената установа во зоната. Ова го предвидуваме со цел да не предизвикаме растројство на пазарот, односно нелојална конкуренција, особено во однос на веќе отворените приватни здравствени установи во РМ, кои што при отварањето ги немале овие поволности.

Останатите бенефити за здравствениот систем на РМ се следните:
-Корисникот на зоната мора да има склучено најмалку еден договор со фонд за здравствено осигурување од државата во која се наоѓа неговото седиште и/или од друга држава членка на ЕУ или OЕЦД, кој овозможува обезбедување на здравствени услуги во Република Македонија за државјаните на државите со чиј фонд е склучен договорот;

-Корисникот на зоната мора да e акредитиран од JCI (Joint Commission International) или DNV Healthcare Inc., доколку правното лице е здравствена установа;

-Во приватните здравствени установи во зоната, здравствената дејност ја вршат доктори на медицина кои се странски државјани и државјани на Република Македонија, при што докторите на медицина кои се странски државјани работеле најмалку пет години непрекинато како специјалисти во една од земјите членки на Европската Унија од групата  ЕУ-15 или во земја членка на ОЕЦД и нивниот број не е помал од 30% од вкупниот број на доктори на медицина кои ја вршат здравствената дејност во приватната здравствена установа.

-Корисникот на зоната мора да склучи меморандум за соработка со Владата на Република Македонија со кој ќе овозможи висината на средствата за партиципација на студентите чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија да изнесува 50% од најниската цена што ја наплаќа високообразовната установа основана во зоната.

-Најдобрите десет студенти чие образование се финансира од Буџетот на Република Македонија, а кои завршиле високо образование на високообразованата установа во зоната, имаат право на вработување во јавното здравство.

-Наставата на високообразовната установа да ја изведуваат професори од кои најмалку половина предаваат на еден од 100-те највисоко рангирани факултети на Shanghai Ranking – ARWU (Academic Ranking of World Universities) во делот на медицината, а според наставната програма и учебниците, од еден од универзитетите што се рангирани меѓу првите 10 на Shanghai Ranking – ARWU (Academic Ranking of World Universities) во делот на медицината.

Во врска со сите претходно наведени аспекти на уредување на слободните здравствени зони, во претстојниот период започнуваме јавна расправа, со што ќе овозможиме на стручната јавност, но и на пошироката јавност да даде свој придонес во однос на уредувањето на целиот концепт на слободните здравствени зони. За таа цел, од денеска предлог законот е поставен на веб-страната на Министерството за здравство, со отворена можност за споделување ставови, забелешки и сугестии, кои освен на веб-страната може да се достават и на mail-адресата: zdravstvenizoni@zdravstvo.gov.mk. Предлог законот ќе биде отворен за сугестии и забелешки од стручната и пошироката јавност во наредните 10 работни дена, истите ќе бидат внимателно разгледани и очекуваме дека ќе имаат конструктивен придонес кон унапредување на целиот концепт.

Во наредните неколку месеци, овој концепт на слободни здравствени зони ќе го промовираме со организирање посети во повеќе земји низ светот, и тоа: Соединетите Американски Држави, Канада, Англија, Скандинавските земји, земјите од Блискиот Исток, Турција, Швајцарија, Германија,…Ова е концепт кој веќе се применува во Дубаи, во еден сегмент и во Јужна Кореја, а сега започнува да се применува и во Турција.

Усвојувањето на предлог законот претставува прв чекор кон остварување на крајната цел – отворање на слободните здравствени зони. Отворањето на првата слободна здравствена зона е предвидено во текот на 2017 година.

ПРЕДЛОГ ЗАКОНОТ ЗА СЛОБОДНИ ЗДРАВСТВЕНИ ЗОНИ, преземете го тука

Сподели на:

Related Posts

Остави коментар