ПРЕСАДУВАЊЕТО ОРГАНИ Е ЕДНО ОД НАЈГОЛЕМИТЕ ДОСТИГНУВАЊА НА МОДЕРНАТА МЕДИЦИНА

Под мотото „Биди донор–Биди херој“ денеска се одбележа Европскиот ден на органодарителство. Целта на овој ден е да се поттикне и да се запознае јавноста со достигнувањата во модерната медицина, кога е во прашање важноста од одлуката за дарување органи.

Донирањето органи е највисок чин на хуманост.

– Изразувам голема поддршка и солидарност кон оние кои чекаат пресадување органи и благодарност кон сите дарители и нивните семејства, кои на многу благороден начин го спасуваат животот на другиот. Понекогаш, пресадувањето органи и ткива е единствен метод за лекување на болните и спас за животот на пациентот. Најголем проблем претставува недостигот од органи и ткива, кои се соодветни за пресадување и донори. Пресадувањето органи е  едно од најголемите достигнувања на модерната медицина. Тоа е единствен зафат, кој спасува животи во последниот стадиум кога откажуваат органите. Не постои ништо похумано од тоа некому да му го продолжите животот, со донирање орган. Стравовите и дилемите околу донирањето би биле помали доколку и ние лекарите повеќе зборуваме за тоа, истакна доц.д-р Венко Филипче, министер за здравство, по повод одбележувањето на Европскиот ден на органодарителство.

Во Македонија во моментов имаме 13 подготвени двојки (дарител и примач), пациенти кои чекаат трансплантација на бубрег од жив донор. Сега целото внимание треба да го насочиме на лицата кои чекаат бубрег. Да поттикнеме хуманост, човечка големина и да размислуваме дека постои втора шанса за живот.

Само годинава се извршени 10 трансплантации од жив донор од бубрег, а минатата година 17 лица добиле бубрег со трансплантација од жив донор.

Во период од април 2012 година до јуни 2015 година извршени се вкупно 110 трансплантации на бубрег, од кои 95 од жив дарител и 15 трансплантации од починато лице.

Трансплантација на бубрег од починато лице повторно почна во 2014 година. Во истата година се направени 12 трансплантации од починато лице,  а во 2015 година се направени 3 трансплантации.

 

2012 година 24 трансплантации од жив дарител;
2013 година 35 трансплантации од жив дарител;
2014 година 39 трансплантации (27 од жив дарители 12 од починато лице);
2015 година (јануари-јуни) 12 трансплантации (9 од жив дарител и 3 од починато лице)

 

 

Бројот на трансплантирани органи не е зголемен во однос на истиот период од минатата година.

Лекарите велат дека предрасудите и стравот кон дарувањето органи постои, но од година на година, најверојатно свесноста на лицата за дарување органи е поголема,  ако се земе  предвид интересот барем на дел од пациентите, кои доаѓаат на Клиниката за нефрологија.

Јане Јанев (42) е еден од пациентите кои со години чекале на трансплантација на бубрег. Иако имал донор, поради ред здравствени проблеми, предизвикани од дијализата, чекал и повеќе од тринаесет години, бил врзан за апаратите за дијализа. Неговата мајка била соодветен донор на бубрег, а поради други заболувања, морал долго да чека, но сепак сега вели дека го живее својот втор живот.

– Сега сум и татко. Додека бев врзан на апарите за дијализа сите планови за нормален живот се само желба. Мајка ми инсистираше на оваа трансплантација и конечно во 2012 година на Клиниката за нефрологија во Скопје успешно ми беше пресаден бубрег од мајка ми. Таа сега е во одлично здравје, среќна за мене, а јас конечно сум жив. Од моето искуство, можам само да кажам дека поттикнувам дарување органи. Животот на дијализа е само преживување, животот по трансплантацијата е живот во вистинска смисла на зборот. Сметам дека треба да се промовира донирањето органи по мозочна смрт. Со донирањето орган, дел од лицата што не се повеќе меѓу нас, продолжува во некој друг, вели Јане Јанев, еден од пациентите на кој успешно му е пресаден орган-бубрег.

– Големи се напорите да направиме нешто повеќе на ова поле, не само од стручен аспект, туку и од човечки. Треба да се соочуваме со семејствата на починатите и да бараме нивна согласност. Изразуваме неверојатно воодушевување и респект кон луѓето, кои се решаваат на тој херојски чин и спасуваат нечиј друг живот, потенцира доц. д-р Венко Филипче, министер за здравство.

Инаку, во регионот, но и во светски рамки, Хрватска е прва според бројот на пресадени бубрези, слезина, а втора во светот, по број на трансплантирани срца.

Сподели на:

Related Posts