На Медицинскиот факултет во Скопје денеска се одржа свечената промоција на монографијата „Јоден и тироиден статус на населението 2018 година”.
Министерот за здравство, д-р Венко Филипче упати честитки до проф. д-р Борислав Каранфилски – уредник на монографијата, како и до целиот тим од Медицински факултет – Институт за патофизиологија и нуклеарна медицина, како и колегите од Универзитетската клиника за детски болести и Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство за значајниот придонес и успешно завршената работа.
-Монографијата за јоден и тироиден статус на населението претставува врвен и непроценлив придонес кон научно-истражувачката работа во медицината. Цитирајќи ја публикацијата денеска можеме со гордост да објавиме дека сме вброени меѓу 12 земји во светот, кои постигнале одржлив јоден суфицит, заедно со дел од најразвиените земји, како што се САД; Канада, Норвешка, Швајцарија, Шведска, Финска, Австрија, Јапонија и други, посочи на денешната промоција министерот Филипче.
Јодниот дефицит е сериозен јавноздравствен проблем и еден од најзначајните ризик фактори за појава на тироидни заболувања кај возрасните, имајќи предвид дека јодот е особено важен за когнитивниот и менталниот развој на децата.