ШКОЛИ ЗА РОДИТЕЛСТВО ВО ПОЛИКЛИНИКАТА „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ И ВО БОЛНИЦИТЕ ВО БИТОЛА И ГОСТИВАР

Школи за родителство кои ќе претставуваат еден вид советувалишта ќе бидат отворени во три јавни здравствени установи – во поликлиниката „Јане Сандански“ во Скопје, во Клиничката болница во Битола и во Општата болница во Гостивар.

Средствата за отворање на школите ќе бидат обезбедени во рамки на партнерски проект на Министерството за здравство и Пивара за едукација на идните родители, преку кој ќе се одвојува по еден денар од секое продадено шише водата Роса во пакување од 1,5 литри.

Министерот за здравство Венко Филипче денеска на прес-конференција рече дека во тек е опремување на просториите каде ќе бидат сместени школите, а младите родители ќе добиваат стручни совети и професионална помош за сите прашања кои се однесуваат на бременоста и родителството.

– Токму во овие школи за родители ќе бидат вклучени и поливалентните патронажни служби од здравствените домови заедно со обучен и стручен тим педијатри, гинеколози и акушерки кои ќе ги обучуваат младите родители за успешно и одговорно родителство со акцент на неопходните потребни прегледи за здрава бременост, здрав начин на исхрана на трудниците, совети за подготовки за породување, како и нега и исхрана на новороденчето, значењето од доењето и други теми значајни за подготовка и справување со секојдневните предизвици што ги носи родителството, информираше министерот Филипче.

Министерството за здравство има и посебна Програма за унапредување на здравјето на мајките и децата. За оваа година, додаде министерот Филипче, се предвидени 17 милиони денари за реализација на бројни активности, меѓу кои и одржување едукативни работилници во ромски и рурални средини за детско здравје, здрава бременост и мајчинство, се дистрибуира едукативен материјал за младите родители, едукативни работилници за бремени и породени жени, како и нивните партнери на тема здрава бременост.

Комерцијалниот директор на Пивара Скопје, Родерик Розенбаум истакна дека школите се наменети за сите идни родители и членовите на нивните семејства и ќе бидат бесплатни.

– Ова се први школи од овој тип во земјава. Нашите искрени заложби е да направиме ова да прерасне во долгорочен проект и вакви школи да се отворат ширум Македонија со што ќе продолжиме да го даваме својот придонес за здравјето на оваа целна група, новите родители, додаде Розенбаум.

Сподели на:

Related Posts