СО КАРАВАНОТ ЗА ВАКЦИНИРАЊЕ ПРОТИВ КОВИД-19 ПРИБЛИЖУВАЊЕ НА ВАКЦИНАЦИЈАТА ДО ГРАЃАНИТЕ

Заменик министерот за здравство Владимир Рендевски, претставникот на УСАИД за земјава, Ерик Јановски, заменик-претставникот на УНИЦЕФ, Артур Ајвазов, градоначалникот на Врапчиште, Исен Шабани и претставници од СЗО го посетија селото Неготино во Општина Врапчиште, една од последните локации на караванот за информирање и вакцинација против КОВИД-19.

Караванот завршува во недела, со посетени вкупно 14 градски и рурални подрачја низ целата држава. Освен можностите да се прими вакцина против КОВИД-19 во локалните заедници, медицински екипи, придружувани од волонтери на Црвениот крст и студенти од медицински здруженија, споделуваа веродостојни информации за вакцинирањето против КОВИД-19, како и за придобивките од вакцинацијата и ризиците од одложување. Се даваа и информации за локациите и работното време на најблиските здравствени домови, каде има вакцини на располагање за сите.

– Согласно последните податоци од неделниот извештај на Институтот за јавно здравје, околу 41,2 отсто од вкупното население во земјата е вакцинирано со две дози. Голем дел од населението останува незаштитено од можните тешки последици од КОВИД-19. Невакцинираните луѓе имаат поголем ризик од смрт од КОВИД-19 во споредба со тие кои биле вакцинирани. Затоа, граѓаните не треба да се колебаат и одлуката за вакцинирање не треба да се одложува, изјави заменик министерот Рендевски.

Караванот и другите насочени интервенции придонесоа кон поголем интерес за заштита од КОВИД-19. Минатиот петок здравствените домови пријавија над 11 отсто зголемување во просечниот дневен број вакцинации во нивните објекти, во споредба со претходната недела.

Министерството за здравство го почна караванот за заштита од КОВИД-19 со поддршка од УСАИД, Светската здравствена организација и УНИЦЕФ. Караванот почна во Шуто Оризари на 21 март и ќе продолжи утре (сабота) со посета на Кичево, а ќе заврши во Струга на 3 април.

Покрај активностите организирани во рамки на караванот за вакцинирање, граѓаните може да се вакцинираат и во најблиските здравствени домови секој работен ден од 8 до 14 часот. Пунктот за вакцинирање во Поликлиника Букурешт во Скопје е отворен до 20 часот од понеделник до петок.

Сподели на:

Related Posts